Денеска во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска го пречека високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел кој престојува во посета на Северна Македонија.
Високиот претставник на Унијата, Борел за време на свечениот пречек се ракуваше со дел од припадниците на Армијата кои учествувале во операцијата на ЕУ во БиХ и мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република и им се заблагодари за придонесот кон регионалната и глобалната безбедност.
На средбата помеѓу двете делегации стана збор за одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, која има засилена динамика што резултираше со подготвеноста на Унијата преку Европскиот мировен фонд со 9 милиони евра да го поддржи процесот на опремување и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија.
Министерката Петровска му се заблагодари на високиот претставник на Унијата, Борел, за поддршката од Европскиот мировен фонд за модернизација и зајакнување на капацитетите на Армијата.
„Северна Македонија го започна пристапниот процес во Унијата, а нашата надворешна политика е целосно усогласена со политиката на Унијата. Ние припаѓаме на Европа и затоа сме амбициозни во заедничките напори за интензивирање на одбранбената соработка. Средствата кои Европскиот мировен фонд ги издвои за унапредување на опремата на Армијата на Северна Македонија ќе ги зацврстат капацитетите на Армијата, особено на Лесната пешадиска баталјонска група“, рече министерката Петровска.
Во контекст на нашиот придонес кон регионалната безбедност, Петровска порача дека припадниците на Армијата даваат и личен придонес кон стабилноста на регионот и на Босна и Херцеговина преку 17-годишното учество во операцијата на ЕУ во оваа земја, ЕУФОР-АЛТЕА и успешната контрибуција во борбените групи на Унијата во 2012 година предводена од Германија, во 2014 година предводена од Белгија и во моментов, односно првата половина на 2023 година, предводена од Грција.
„Северна Македонија е одговорен и активен партнер на Европската Унија во зацврстувањето на стабилноста и безбедноста на регионот. Седумнаесет години сме дел од операцијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, со што покажавме дека сме одговорна земја која не отстапува од примарната цел – мирен, стабилен, безбеден Западен Балкан“, подвлече Петровска.
Високиот европски претставник, Борел, ја поздрави поддршката на Република Северна Македонија за Украина, како држава која ја брани сопствената територија, порача дека Унијата е посветена на развојот на одбранбената соработка со Северна Македонија и оддаде признание за нашиот долгогодишен придонес кон регионалната и глобалната безбедност.
Со одлуката Европскиот мировен фонд да додели 9 милиони евра за унапредување на опремата на Армијата на Северна Македонија, Европската Унија дава свој придонес за зајакнување на Армијата која активно учествува во мисиите и операциите на ЕУ. Се радувам што имав можност да поразговарам со жените и мажите припадници на Армијата, кои служеле во мисии предводени од ЕУ. Ви честитам и благодарам и се надевам дека ќе продолжите со вашето учество во мисии, – рече Борел и потенцираше дека тоа е јасен показател на посветеноста на Европската Унија за зајакнување на соработката во безбедноста и одбраната, со – како што рече, идните земји членки на Унијата од Западен Балкан.
Извор: Влада