Донација која доаѓа од срце – Подари живот“, со оваа порака Општина Центар го одбележа 17 март – Денот на формирање на Црвениот крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителството.
Доброволното дарување крв претставува највисок чин на хуманост и алтруизам со единствена цел, да се мотивираат што поголем број на луѓе да даруваат крв за да можат да се соберат потребните количини крвни единици и да се спасат човечки животи.
Во салата на Советот на Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски им додели благодарници на 14 истакнати крводарители со најголем број дарувања за 2022-ра година, во присуство на претседателот на Црвениот крст на ОО Центар, Ивица Бошков и секретарот на Црвениот крст на ОО Центар, Валентина Колеска. За доброволно дарување крв и покажана хуманост и промоција на крводарителството, признание доби и градоначалникот Горан Герасимовски, кој во оваа прилика на младите сограѓани им порача да се придружат кон хуманото семејство, дарувајќи крв и покажувајќи солидарност на дело.
По опоравувањето од КОВИД 19 пандемијата, особено радува фактот што Општина Центар на ниво на државата е трета по дарување на крвни единици. Градоначалникот им честиташе за признанијата на активистите и хуманистите, на крводарителите и на волонтерите од Црвениот крст – Општинска организација Центар за континуирано делување во нивната благородна мисија.
„Доброволното дарување претставува израз на високи хумани, морални и етички вредности, а секоја капка крв е драгоцена и може да спаси нечиј живот. Општина Центар има долгогодишна традиција во организирање и спроведување на крводарителски акции во соработка со Црвениот крсти ви порачувам хуманоста да ви биде поттик и мотивација за понатаму, кон постигнување на уште повисоки резултати на планот на крводарувањето“, изјави Герасимовски.
Градоначалникот Герасимовски истакна дека во иднина Општина Центар ќе дава поддршка и на други социјални и хуманитарни проекти во организација на Црвениот крст, сѐ со цел подигнување на јавната свест на граѓаните околу хуманоста и хуманите гестови. На присутните крводарители им беа доделени пригодни подароци, меѓу кои и слика од уметникот Живко Поповски –Цветин, првиот претседател на Црвениот крст во нашата земја.
Извор: Општина Центар