Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска направи увид во отпочнувањето на активностите за санација и одржување на двете велосипедски патеки на Водно. Со санацијата на велосипедските патеки повторно ќе се овозможат оптимални услови за нивно користење, а ќе се зголеми и безбедноста на велосипедистите.
– Посветено работиме согласно со програмата на сите активности со кои Водно зелениот штит на Скопје континуирано ќе се одржува со цел да се подобри целокупната грижа за планината. Отпочнавме со санација на велосипедските патеки во должина од 3000 метри, по што продолжуваме со пешачките патеки. Со дополнителна поддршка и проекти настојуваме да ги реализираме многубројните планирани активности за Водно со цел зазеленување, за што најавуваме акција за пошумување од почетокот на месец ноември во периодот на сезоната на садење – истакна Арсовска.
Во рамките на активностите за санирање на патеките се врши одстранување на суви дрвја и грмушки, кроење на гранки, отстранување на камења, машинско косење и отстранување на отпадоци.
Со реализација на овие активности од страна на екипите на градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“, кои продолжуваат со редовно одржување на овие патеки, долгорочно ќе се обезбедат услови за нивно непречено користење од страна на сите љубители на планинскиот велосипедизам.
Извор: Град Скопје