spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваБесими: За да се намали, неформалната економија треба да се направи неисплатлива

Бесими: За да се намали, неформалната економија треба да се направи неисплатлива

Сивата економија годишно ја чини државата колку автопатските делници на Коридорот 8 или на Коридорот 10-д, четири клинички центри, или реизградба на сите училишни згради во земјава. Доколку целиот формален сектор се формализира нема да има потреба од задолжување за финансирање на буџетот. Оттаму, Владата стратегиски пристапува кон решавањето на овој горлив проблем преку петгодишната Стратегија за формализација на неформалната економија изработена од страна на Министерството за финансии. Предвидено е едновремено јакнење на системот за сузбивање на сивата економија, како и подигнување на даночниот морал и свеста на граѓаните, посочува во својата најнова колумна министерот за финaнсии, Фатмир Бесими.

„Неформалната економија е една од најголемите структурни пречки за конвергенција на земјите во развој со развиените економии. Тоа важи и за конвергенцијата на нашата економија со Европската Унија. Износот на даночните приходи со целосно формализирање на неформалниот сектор, без никаква промена во даночната политика, е еднаков на капиталните расходи во буџетот за годинава. Имено, иако е тешко да се измери, неформалната економија согласно одредени проценки изнесува околу 30% од бруто-домашниот производ на нашата земја. БДП за 2023 година е проценет на 14,4 милијарди евра, оттаму вредноста на неформалната економија би изнесувала околу 4,32 милијарди евра. Според груби пресметки, тоа значи дополнителни 795 милиони евра годишни приливи по основ на даночни приходи во буџетот“, посочува Бесими и додава дека повисоката застапеност на неформалната економија е каракетристична за земјите во развој, како и дека во просек кај земјите од нашето окружување сивата економија исто така се движи околу 30% од БДП.

Министерот за финансии истакнува дека за да се намали, неформалната економија треба да се направи неисплатлива, односно зголемување на ризикот од делување во неформалниот сектор и од друга страна преку зголемување на бенефициите во формалниот сектор.

„Нашата стратегија се темели на две главни области – првата е системот, а втората се граѓаните. Целта е да се изгради силен систем кој ќе се бори против сивата економија, а едновремено да се зајакне даночниот морал кај граѓаните и свеста дека со сузбивањето на сивата економија вложуваат во својата и подобрата иднина за своите деца“, посочува Бесими и наведува дека предвидени се мерки за изградба на институционална инфраструктура за детектирање, следење и давање насоки за адресирање на неформалните активности, меѓуинституционална соработка, обезбедување на статистички податоци и показатели за неформалната економија кои ќе се користат за редовно следење на сивата економија, како и дигитализација на процесите. Исто така, засилено се работи на унaпредување на регулаторната рамка особено во делот на работните односи. Бесими наведува и дека интензивно ќе се работи и на јакнењето на свеста за сивата економија, даночниот морал и довербата во институциите, а дел од активностите ќе се одвиваат преку веќе постоечката платформа vnesiboja.mk . “Се работи и на едукација на општата јавност преку различни алатки за разорното дејство на сивата економија. Во насока на јакнење на довербата на граѓаните и фирмите во институциите и понатаму ќе се јакне транспарентноста и отчетноста на институциите, но и предвидливоста во подготовката на законските решенија што е од особено значење за бизнис заедницата”, истакнува министерот Бесими.

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

АФПЗРР: Соопштение за исплата на органско производство за 2023 година

0
 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година. Корисници...