Владата на Република Северна Македонија, на владината седница му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста Претседател на Управен Одбор и Извршен Директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста Член на Управен Одбор и Извршен Директор во СВТ.
Владата воедно му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје на позицијата Претседател на Управен одбор и Извршен Директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за Член на Управен Одбор и Извршен Директор во СВТ да го именува Милан Кораќ.
Хекуран Асани е вработен во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и инструктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.
Милан Кораќ на позицијата Извршен Директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.
Владата ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухопловство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата.
Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата.
Владата на денешната седница донесе и Одлука за отпочнување процес за трансформација на производството на електрична енергија со гасно-водородни централи.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за економија за потребата од иницирање проекти за изградба на регионална 800MW гаснo – водородна централа Неготино и 250 – 300MW гасно – водородна централа Битола.
Задолжено е АД ЕСМ да отпочне преговори за потенцијален стратешки инвеститор и можна соработка за реализација на проекти за гасно – водородни централи Битола и Неготино), согласно Законот за стратешки инвестиции.
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за одбрана за влегување и престој странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на обука и вежба „Trojan Footprint 24 и донесе таква Одлука.
Обуката и вежбата „Trojan Footprint 24“ е дел од Планот за организација и учество на Армијата на Република Северна Македонија на вежби од меѓународен карактер за 2024 и 2025 година, согласно потребите за активно планирање, организирање, подготвување и реализирање заеднички обуки и вежби помеѓу сојузниците во НАТО.
Вежбата е предвидено да се реализира на територијата на Република Северна Македонија, во период од 16 јануари до 16 март 2024 година, со учество на 40 припадници од специјалните сили на Вооружените сили на САД и 12 припадници на специјалните сили на Република Грција, со вооружување, опрема, моторни возила и материјално – технички средства. Специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија активно ќе учествуваат во подготовките и изведувањето на заедничката обука и вежба со 55 припадници (учесници на активноста и реална логистика).
Локации за учеството на вежбата е предвидено да бидат АП „Криволак“, полигоните за обука и стрелиштата во гарнизонот Скопје и стрелиштето „Красте“ во гарнизонот Штип.
Извор: Влада