spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Николоски - За две години пензиите со раст од 30%, минималната...

МФ: Николоски – За две години пензиите со раст од 30%, минималната плата заод 50%, а просечната плата достигна 700 евра

Расте минималната плата, расте просечната плата, а растат и пензиите. Тоа е резултат на системското решение што го воспоставивме и кое за две години обезбеди раст на пензиите за 30%, минималната плата од 15.000 денари, колку што изнесуваше пред 2 години, сега ќе достигне 22.500 денари или раст од над 50%, а расте и просечната плата која во декември 2023 година достигна 40.000 денари, односно 33% натфрлање од ветувањето за просечна плата од 500 евра. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски во гостувањето во утринската програма на „Слободен печат“.

„Пред 2 години воспоставивме систем со кој двапати во годината се врши усогласување, односно зголемување на пензиите. Почнувајќи од месецов пензиите ќе пораснат за околу 5,5%. Со ова зголемување, растот на пензиите за 2 години е над 30%. И тоа затоа што воспоставивме системско решение, затоа што ниту еден граѓанин не заслужува некој да го уценува на каков било начин. Ова покажува дека системот функционира и тоа го видовме во текот на овие 2 години. Исто така, воспоставивме систем и за минималната плата. Овој месец таа ќе има нов раст од над 12% и ќе достигне над 22.500 денари. Пред 2 години минималната плата изнесуваше 15.000 денари, досега изнесуваше 20.175 денари, а со најновото зголемување ќе достигне раст од над 50%. Просечната плата, согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, изнесува скоро 40.000 денари, без 2 денара. Ова покажува дека го натфрливме ветеното во предизборниот период дека ќе достигнеме плата од 500 евра, и тоа го натфрливме за 33%. Достигнавме плата од 40.000 денари, а за четири години таа, со поставениот систем, ќе достигне 1.100 евра“, истакна заменик-министерот Николоски.

Во интервјуто се осврна и на развојните политики и поддршката на растот на економијата за оваа година којшто е проектиран на 3,4%. „ Овој проектиран раст е достижен и тој ќе биде поддржан од приватните инвестиции и од проектираните инвестициите во Буџетот, кои минатата година имаа рекордна реализација од 708 милиони евра, а заедно во 2022 и 2023 година реализацијата на капиталните инвестиции изнесуваше 1,2 милијарди евра. Најголем дел од нив се во инфраструктурата, бидејќи станува збор за проекти кои бараат подолг период за реализација, а наредната година се очекува забрзување на таа динамика “, рече Николоски.

Додавајќи дека сите капитални инвестиции не може да се реализираат за една година затоа што бараат административна подготовка, план и проект, рече дека ефектите ќе се видат во следните години, а во таа насока се очекува од оваа година да започнат и да се видат и активностите на терен за реализација на проектите за Коридорот 8 и Коридорот 10д.

Според заменик-министерот дополнителен инпут на растот ќе биде и поддршката од ЕУ преку Планот за раст за ЗБ од каде што се очекуваат околу 900 милиони евра, а првата транша во износ од 150 милиони евра се очекува во текот на оваа година.

„Тоа ќе бидат средства наменети за забрзување на реформските процеси и за инвестиции. Една третина ќе бидат грант, другите кредитни линии со поволни услови, ниски каматни стапки и долги рокови на отплата и до 40 години. Сето ова ќе треба да го искористиме со цел да го забрзаме растот и да се приближиме кон она што значи ЕУ“, рече Николоски.

Тој истакна дека поддршка има и за бизнис-секторот, кој преку приватните инвестиции исто така дава придонес во остварување на проектираниот раст.

„Преку повеќе кредитни линии обезбедивме над 300 милиони евра со многу ниски камати, кои му се ставени на располагање на бизнис-секторот преку Развојната банка. а кои се достапни преку деловните банки и за кои веќе постои интерес од страна на компаниите“, рече Николоски.

Од наредната година, кога земјата ќе стане дел од СЕПА, на домашните компании ќе им биде овозможено да плаќаат во рамки на ЕУ поедноставно, со што ќе им се намалат и трошоците.

„Земјите од ЗБ и РС Македонија ќе пристапат кон СЕПА со што ќе се поедностават плаќањата на сите корисници, односно тие ќе се вршат само во евра. Со тоа ќе се намалат трошоците на компаниите и тие ќе станат поконкурентни. На тој начин државите од Западен Балкан ќе заштедуваат над 600 милиони евра годишно. Првата фаза од овој процес се очекува да заврши оваа година, а веќе од следната да бидеме дел од СЕПА“, истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски.

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

Информација по повод одбележувањето на 8 септември, Денот на независноста

0
По повод 8 септември, Денот на независноста, Владата организира свечена програма под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“. Свечената академија ќе се одржи во...