Заменик министерката за здравство, д-р Маја Манолева, беше во посета на Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација-Скопје, каде оствари средба со директорката доц. д-р Силвана Филипова и вработените во установата.
Во овој центар за првпат беше имплементирана Програма за рехабилитациски третман на децата со нарушување од аутистичен спектар, сензорни дисфункции и други комбинирани развојни нарушувања, со која првпат во државата се започна со структуриран мултидисциплинарен третман на децата со нарушување од аутистичен спектар.
-Како што ме информираше директорката Филипова, унапредени се условите со опремени сензорна соба, снузленд соба, кабинет за ВАТ терапија, кабинет за АРТ терапија, а исто така се опремија и четири логопедски кабинети за спроведување на оваа програма, која воедно претставуваше и прв организиран мултидисциплинарен пристап во третманот на децата со нарушување од аутистичен спектар во државата, рече Манолева.
Центарот работи и според програма за рана интервенција на деца со развојни нарушувања од 0 до 3 години, каде е реализирана едукација за примена на „Hanen program – It takes Two To Talk“ за родителите на деца со доцнење во говорно јазичниот развој. За таа цел, се опреми кабинет за рана интервенција кој е структуриран за спроведување индивидуален, групен и советодавен третман кој можат да го следат родителите без да го реметат рехабилитацискиот третман.
-Министерството за здравство изминативе години значително вложува во набавка на опрема за здравствените установи, конкретно за овој центар е набавен софтвер за спроведување ЕЕГ неурофидбек третманот со кој се подобрува функционирањето на установата. Со донација на Министерството во моментот се реновира и кабинетот за аудиометрија, истакна д-р Манолева.
Извор: Министерство за здравство