Во зградата на IWconnect во Битола, се одржа свечено потпишување на Меморандум за воспоставување на првата регионална Платформа за млади во која членуваат 18 субјекти, односно 9 општини од Пелагонискиот регион и 9 организации. Платформата се формира во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, којшто го имплементира Про Локал, организација од Битола, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија, преку програмата „Матра“. Присутните на настанот ги поздрави и градоначалникот Тони Коњановски, нагласувајќи:
„Велат нема поубаво од тоа да се дружиш со млади, од нив секогаш ќе научиш нешто ново!
Тоа го знам и од лично искуство! Токму затоа сакам да изразам голема благодарност и до тимот на Про Локал кои денес се наши домаќини и кои заедно со уште 8 локални организации и искрената поддршка од Амбасадата на Холандија се причината заради која веќе 3 години се дружиме со младите од 9 општини, дебатираме, практицираме демократија, зборуваме за теми кои се важни за нив но и за нас повозрасните, бидејќи нема поголема вистина од онаа која вели: Светот останува на младите!
Морам да истакнам, дека во рамките на овој проект, ние општините, бевме многу среќни и опуштени во соработката со младите! Се радуваваме на секој нивни предлог, бевме присутни на секоја работилница на која бевме поканети и искрено се вложивме да им ја олесниме комуникацијата со нашите локални самоуправи разбирајќи дека за младите тоа некогаш е предизвик, тоа е бирократија и енергија.
Се надевам, а и ветувам дека силно ќе се посветиме да не ја заробиме нивната креативност и енергија во нашите обрасци, формулари и прописи! Токму таа е и смислата на Регионалната Платформа за млади која еве денеска и формално ја почнуваме.
Сите ние од Пелагонискиот регион, 9 Градоначалници и 9 општински Совети ги отвораме ширум вратите за младите, и ги покануваме младите преку своите граѓански организации, но и лично, да ни пристапат во ова здружување да работиме заедно, да ги мапираме предизвиците со кои се соочувате вие – младите и да си дадеме шанса да ги надминеме.
Имаме кој да не води низ процесот, тука е Про Локал но и сите организации во регионот кои работат со млади, да покажеме дека младите знаат кои се проблемите но ги знаат и решенијата!“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред присутните.
Проектот се имплементира повеќе од две години, а во него се вклучени над 100 млади од цел Пелагониски регион. Одржани се над 1600 активности, кои се во насока на зајакнување на младите, како: работилници, семинари, дебати, но и реализација на мали инфраструктурни проекти, кои се кофинансирани од проектот, но и од деветте локалните самоуправи.
Извор: Општина Битола