Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за прогласување на 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) за неработни денови, поради распишување на избори за претседател на Република Северна Македонија и избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Владата, согласно информацијата, донесе заклучоци со коишто ги определи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда), за неработни денови, за сите граѓани на територијата на Република Северна Македонија.
Владата препорачува на работодавачите од приватниот сектор на територијата на Република Северна Македонија, да ги спроведат овие заклучоци.
Во Информацијата од Министерството за труд и социјална работа е посочено дека имајќи го предвид Решението за распишување на избор за претседател на Република Северна Македонија („Службен Весник на РСМ“ бр.37/24), како Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија („Службен Весник на РСМ“ бр.37/24), потребно е секој граѓанин да може непречено да го оствари своето право на глас, во избирачката единица во којашто е регистриран.
Владата разгледа и усвои повеќе информации од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, околу согласности за склучување договори за закуп на земјоделско земјиште со непосредна спогодба со индивидуални земјоделци и донесе одлуки за давање на согласностите.
Со денешните одлуки на Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе склучи договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со закупците, претежно од светиниколскиот регион на кои претходните договори за закуп престанаа да важат заради истек на времетраење на нивните договори, а законот им дава можност за нивно продолжување. Продолжувањето на посочените договори доаѓа во пресрет на периодот за поднесување на барањата за финансиска поддршка од мерките за директни плаќања, и со склучувањето на новите договори земјоделците ќе го имаат регулирано корисничко право на земјоделското земјиште во државна сопственост.
Како што е посочено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно член 39 став 1 од Законот за земјоделското земјиште, по истекот на времетраење на склучениот договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, по барање на закупецот, доколку закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот за закуп, министерот може, по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија и по претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија, со непосредна спогодба, да склучи нов договор за закуп со закупецот, најмногу за период од петнаесет години. Но, во случај кога истекува времетраењето на договорот за закуп, а на земјоделското земјиште има подигнато долгогодишен насад во сопственост на закупецот и закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот, по барање на закупецот, министерот може со непосредна спогодба да склучи нов договор за закуп, по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија и по претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија, за период најмногу до амортизацијата на долгогодишниот насад.
Владата, на предлог на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, донесе одлука, како второстепен орган, да го огласи за ништовно Решението за разрешување од должност на директорот на Јавната установа Центар за социјална работа – Радовиш, од 04.04.2024 година.
Според образложеното, по извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд, а по барање на дополнителната заменик-министерка за труд и социјалан политика, утврдени се повеќе неправилности во делот на разрешувањето.
Допопнително, посоченото разрешување, во време на распишани избори, е направено еднострано од страна на министерот за труд и социјална политика. Ова, како што е нагласено, е спротивно на Законот за Владата на Република Северна Македонија, каде е предвидено, заради организирање на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документи, а ако тоа не е сторено, ваквите акти и документи не произведуваат правно дејство.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе три одлуки.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија, заради реализација на вежбата „Swift Response 24“ и донесе ваква Одлука.
Вежбата, според информацијата од ресорното министерство, е во целосна организација на Вооружените сили на САД за Европа, а ќе се реализира од 24 април до 29 мај 2024 година на Армискиот полигон Криволак. На вежбата е предвидено учество на припадници од Вооружените сили на САД за Европа, со опрема, вооружување, воени и цивилни моторни возила, воздухоплови, беспилотни летала и други материјално – технички средства и изведба на падобрански скокови, одделенски и водни боеви гаѓања.
Се донесе одлука и за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „EFES 24“, во Република Турција, во организација на Вооружените сили на Република Турција, а којашто се очекува да допринесе да се надградат стекнатите знаења и да се добијат дополнителни знаења и искуства во доменот на планирање НАТО операции во мултинационална средина.
Донесена е и одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Vigorous Warrior 24” во Република Унгарија. Вежбата, според образложеното, е во организација на NATO Medical Centre of Excelence и на неа, покрај припадници од НАТО членките, е предвидено учество и на претставници од партнерски земји на НАТО Алијансата. Вежбата, како што е посочено, ќе овозможи подобрување на интероперабилноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во давање медицинска поддршка при извршување заеднички мултинационални операции.
Извор: Влада