Инспекциските служи на Општина Центар денеска отстранија застаклен објект на државно земјиште кој не поседува одобрение за поставување времени објекти согласно чл. 81. Станува збор за објект на улицата „Железничка“ близу ресторанот Љуц. Градоначалникот Горан Герасимовски на отстранувањето на објектот истакна дека законските прописи мора да се почитуваат од сите чинители во општината.
„Сите диво поставени објекти, доградби тераси, платформи без одобрение ќе бидат отстранети. Апелирам до граѓаните да не си ги трошат парите на инвестиции кои во иднина ќе бидат отстранети на нивна сметка. Денеска се отстранува овој објект кој е со димензии 3.80×2.20 метри но и други нелегално изграден објекти како дрвена платформа и челична настрешница на улица „Црвена Вода“ бр. 4 близу Броз Кафе, метална врата на ул. „Мајаковски“ близу пекарата Силбо во Дебар Маало која беше поставена на државно земјиште“, истакна Герасимовски.
Герасимовски објави дека има нерегуларности и со 30 жардиниери на улица „Антоние Грубишиќ“. Истите ја попречуваа пешачката патека, општинските служби ги залепија до локалот со цел нејзино ослободување и наложија во рок од 3 дена истите да се внесат внатре. За утре Герасимовски најави дека инспекторските служби најавуваат отстранување помошен објект-гаража на улица „Кеј 13 ноември“ бр74 и доградба на тераса и метална врата на улица „Дебарца“.
Инспекциските служби на Општина Центар ќе продолжат со спроведување на зачестените инспекциски контроли со цел почитување на законите и решавање на проблемите на граѓаните.
Извор: Општина Центар