На седницата, Советот на Општина Ѓорче Петров изгласа ослободување од плаќање комуналии за новата градинка која ќе се гради во Стопански Двор.
Ова е голема поволност и значително олеснување за инвеститорот, односно Општина Ѓорче Петров која ќе работи на новиот проект со капацитет да смести над 100 дечиња во предучилишна возраст на површина од 415 м2 на приземје и 483 м2 на прв кат.
Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката.
-Ова ќе биде уште еден реализиран проект од мојата предизборна програма. Ветив пред граѓаните решавање на проблемот со недостиг на капацитети за упис на деца во градинките и токму тоа го остваруваме. Насочени сме кон целосна елиминација на списоците на деца кои чекаат за упис во детските градинки во Ѓорче Петров. Со отворање нови капацитети, кои се наш приоритет, бројот на незапишани дечиња ќе биде речиси целосно елиминиран – рече градоначалникот Александар Стојкоски. Продолжуваме, додаде тој, посветено да работиме на целосно решавање на овој горлив проблем, се со цел Општина Ѓорче Петров да биде место на среќни и задоволни граѓани.
Извор: Општина Ѓорче Петров