Инвестираме рекордни средства во делот на патната и комуналната инфраструктура, Штип изминативе години доби нов лик, стана главна крстосница и економски центар на Истокот, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска беше во работна посета на општина Штип.
Тој извршив увид во поставување на сообраќајната сигнализација на улицата Солидарност која беше реконструирана со средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски.
Министерот Бочварски истакна дека ги реализирале барањата и очекувањата на граѓаните и од улиците Широк Дол, Христијан Тодоровски Карпош и улицата АСНОМ, за што веќе се потпишани договори за реконструкција.
„Со сите овие проекти кои ги реализираме Штип и Штипјани добиваат нова и безбедна локална инфраструктура, но тука не застануваме. Драго ми е што дополнително ги реализиравме и барањата на граѓаните од улиците Широк Дол, Христијан Тодоровски Карпош и улицата АСНОМ, исто така финансирани преку централната преку Проектот за локални патишта. И многу сум задоволен бидејќи ваквите проекти носат директен бенефит за граѓаните, за развој на општините, за нови работни места, а ние како централна власт токму тоа сакаме да го постигнеме, граѓаните се постојано во нашиот фокус. Во Штип реализиравме многу значајни проекти, реконструиравме повеќе локални улици, изградивме два нови експресни патишта кон Радовиш и кон Кочани, го реконструиравме транзитот во Штип, обезбедивме квалитетна вода за пиење за жителите од населбите Блок 77, Каваклија и Македонка, а активно ја градиме и браната Отиња, децениски сон на Штипјани. Ова не се само празни зборови, ова се проекти кои граѓаните ги гледаат на терен и од кои веќе ги чувствуваат придобивките.“ – изјави министерот Бочварски.
Претходно со средства од Министерството за транспорт и врски се изврши реконструкција на улицата Панче Караѓозов и раскрсницата во населбата Сењак, а исто така беа обновени и улиците 5-ти Конгрес, Браќа Даневи и Солидарност, за кои вкупно беа инвестирани 53 милиони денари.
Извор: Влада