Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, одржа прес-конференција на којашто се осврна на работата во изминатите 100 дена, од неговиот избор за премиер и формирањето на Владата, со примарна обврска да ги организира и спроведе претседателските и парламентарните избори во државата.
Во продолжение е интегрален текст од обраќањето на премиерот Џафери на прес-конференцијата:
„Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на двојните, претседателски и парламентарни избори. И оваа приоритетна обврска, доверена согласно Уставот и законите, и јас како премиер, и Владата – доследно ја исполнивме.
Спроведовме европски избори, во слободни, мирни, фер и демократски изборни процеси во двата изборни круга. Избори што ќе се спомнуваат по тоа како може, и како треба да се сработи во интерес на граѓаните и државата. Со тоа, со право можам да оценам дека придонесовме во европското поведение на земјата, којашто се стреми да биде членка на Европската Унија. Потврда на моите зборови се и честитките и изразите на почит и од нашите европски партнери.
Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт – тогаш тоа се изборите. И во оваа прилика, изразувам благодарност и до институциите и до граѓаните, затоа што беа на висина на одговорноста и придонесоа кон нашите искрени заложби – државата да напредува според европските вредности.
https://www.youtube.com/embed/KBE0I2ac5H0?si=upQZzPRicMsPpuxo
Токму вака, на дело, се работи за големата европска идеја. Очекувам овој правец да го следи и следниот владин состав, затоа што иднината на Република Северна Македонија, мирот, спокојот и перспективите на граѓаните се директно поврзани со напредокот во евроинтеграциите и реализацијата на полноправното членство, во динамичен процес, до 2030 година. Шансата е пред државата и пред новата Влада, исто така и одговорноста!
Сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат, со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт. Граѓаните очекуваат реализација на ветеното, но и стабилно, предвидливо и напредно општество, во кое ќе се чувствуваат сигурно и во чекор со развиениот демократски свет.
Почитувани,
Денеска, кога одбележуваме 100 дена од формирањето на Владата што ја предводам, со чист образ, мирна совест и должна почит кон сите граѓани, можам да оценам дека тоа што го најавив кога стапив на должноста, дека ќе работам во интерес на сите граѓани и на државата, го спроведов.
– Потврдив дека моето именување за премиер, како прв премиер Албанец на Република Северна Македонија е уште еден придонес во демократијата во Република Северна Македонија.
– Продолживме по стратешкиот евроатлантски колосек, којшто е од највисок државен интерес. Учествував на важни меѓународни настани, со цел афирмација на стратешките евроатлантски определби. Реализирав бројни средби на значајни меѓународни настани, со високи претставници на Стејт Департментот, на државите членки ЕУ, со премиерите од Западен Балкан.
– Ги донесовме и сите други потребни одлуки од значење на квалитетот на живот на граѓаните – согласно надлежностите што ни ги овозможуваат Уставот и законите. Пред сѐ, овде мислам на решенијата што ги изнајдовме за приоритетните проблеми и во таа насока, спроведената ефикасна координација со и помеѓу институциите. Доаѓајќи од законодавниот дом, имав прилика да се насочам и на прашањата коишто беа иницирани од поодамна, а за кои имав можност да најдам решение во својство на премиер.
Почитувани граѓани,
За сите активности на Владата што ја предводам, може подетално да прочитате во публикацијата чиј линк ќе го добиете, а којашто претставува Извештај за првите 100 дена од работата на Владата што ја предводев“.
Извор: Влада