Одделението за образование при општина Струмица, согласно Законот за основно образование ги известува родителите дека во месец мај ќе се врши упис на ученици во прво одделение за учебната 2024/25 година во сите општински основни училишта.
Во прво одделение на основното училиште родителот, односно старателот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската 2024 година ќе наполни шест години. Родителот може да го запише детето во прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари 2025 година, но по претходно добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето. И децата кои не се вклучени во настава, а се со надмината возраст, може да се запишат во основно училиште согласно член 14 од Законот за основно образование.
При запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот, е должен да достави фотокопија од извод на родени на детето, потврди за примените задолжителни вакцини, за офталмолошки и стоматолошки преглед, издадени од надлежна здравствена установа.
При запишување на дете со попреченост во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави и мислење/фунционален профил од комисијата за проценка на деца и младинци за дополнителна образовна, социјална и здравствена поддршка според МКФ.
Запишувањето на детето во училиштето го врши тричлена комисија, формирана од директорот на училиштето, а составена од педагог или психолог или специјален едукатор и рехабилитатор и наставник од редот на одделенските наставници.
Родителот, односно старателот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон. Родителот, односно старателот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува и од училиштето од реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување или доколку ученикот од другиот реон или општина нема можност за следење на наставата на својот мајчин јазик во својот реон, односно општина.
Основното училиште е должно да го извести овластениот просветен иснпектор на општината или државниот просветен инспектор за децата кои не се запишани во прво одделение, до 20 јуни, 2024 година.
Запишувањето на детето, на барање на родителот, односно старателот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште. За незапишувањето, односно за неподготвеноста на детето за тргнување во основно училиште, комисијата за запишување на детето во училиштето е должна писмено да го извести родителот, односно старателот, најдоцна до 20 јуни 2024 година.
За таа цел, неопходно е Комисијата за запишување на ученици да утврди термин за запишување, и да ги извести родителите, односно старателите преку доставување на покана на нивна адреса или терминот за запишување да се закажува од страна на родителите кај определено лице за контакт од училиштето.
По завршувањето на запишувањето на децата во прво одделение, да се извести Одделението за образование при општина Струмица за бројот на запишани деца од страна на секое основно училиште во општина Струмица.
Ви посакуваме успешно запишување на уште една генерација ученици.
Извор: Општина Струмица