Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ учествуваше на Регионалниот состанок на министрите за европски прашања и финансии на Западен Балкан посветен на Планот за Раст. Регионалниот состанок му претходи на Лидерскиот самит на западен Балкан кој ќе се одржи утре, 16 мај 2024.
Средбата ја отвори домаќинката на регионалниот состанок, министерката за европски прашања на Црна Гора, Мајда Горчевиќ истакнувајќи ја важноста на соработката во регионот кој има заедничка визија.
На средбата се обрати Герт Јан Копман – Генерален директор на генералниот директорат за соседство и преговори за проширување. (ДГ НЕАР), висок претставник на Европската Комисија со што ги нагласи напорите и заложбата на Европската Комисија за реализација на Планот за раст за Западен Балкан.
На средбата се зборуваше за приоритетите за спроведување на рефорсмките агенди на земјите од Западен Балкан со акцент на конкретните чекори кои треба секој од земјите вклучени во Планот да ги преземат.
Во своето обраќање Маричиќ го наведе усогласувањето на приоритетите на државата со приоритетите на Брисел. Ги истакна договорените и усогласени обврски и мерки кои ќе се спроведуваат. Ја истакна важноста на СЕПА – Пристап до единствената област за плаќање во евра, Зелените ленти за унапредување на олеснувањето на трговијата и транспортот, за слободните Вај-фај зони на јавните простори во 500 општини во регионот и за развој на Дигиталните иновативни центри.
Понатаму во обраќањето ги наброја утврдените, следни чекори односно работата на проектите за Академија за единствен пазар со што се осигурува усогласување на националните системи со оние на ЕУ, важноста за прифаќањето на Дигиталниот паричник, како удобен и безбеден метод за граѓаните и бизнисите да го утврдат нивниот идентитет, користејќи ја нивната дигитална лична карта за интеракција и во јавниот и во приватниот сектор.
Вицепремиерот Маричиќ за крај се заблагодари до Европската Комисија, главниот иницијатор на целиот процес Герт Јан Копман, генералниот директор на ГД Неар, на целиот регион на Западен Балкан како и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, вработените во администрацијата кои во соработка со министерството за финансии ги поставија главните приоритети, упорно работеа на реализација на Планот за раст за Западен Балкан.
Европската Унија направи голем исчекор и заложба со иницијативата за Планот за раст за соработка на регионот. Затоа, регионот и сите засегнати страни заедно со Европската Комисија мора да продолжат да работат да ја реализираат иницијативата на регионот.
Регионот го постави Планот за раст во функција за забрзување на членството во ЕУ до 2030 и треба сите заедно да бидеме активни, транспарентни и упорни во успешна реализација на оваа важна иницијатива.- рече Маричиќ.
Состанокот на министрите и вицепремиерите на Западен Балкан го носи насловот „Еден регион, заедничка визија“ и му претходи на утрешниот Лидерски самит на кој ќе учествуваат лидерите на земјите од регионот на Западен Балкан, како и највисоките претставници на Европската Комисија.
На средбата учествуваше и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили
Извор: Влада