Вкупно 220 ученици од основните и средните училишта од Република Македонија се натпреваруваа на Државното првенство во атлетика, кое се одржа во Охрид.
На свеченото отворање на настанот, во името на Локалната самоуправа се обрати советникот во Советот на Општина Охрид, Горан Маркоски.
–Ни претставува голема чест и задоволство што Охрид е домаќин на овогодинешното издание на Државниот натпревар во атлетика, кој го организира Федерацијата на училишен спорт.
Овој спортски настан им овозможува на младите атлетичари да ги презентираат своите способности, да се мотивираат и да се инспирираат за поголеми спортски успеси. Спортот, а особено атлетиката им помага на младите да изградат дисциплина, тимски дух и самодоверба, што се важни квалитети во секој аспект на нивниот живот.
Особено сме горди што Охрид е пример за град кој дава значителна поддршка на спортот, а особено на атлетиката.
Преку инвестирањето во спортската инфраструктура и организирањето на големи атлетски настани, им овозможуваме на атлетичарите достоинствени услови за спортски развој. Овој вид на поддршка не само што го зголемува интересот за спорт кај локалната заедница, туку и го зголемува престижот на градот како спортска дестинација.
Почитувани
Атлетиката отсекогаш, заслужено го носи епитетот „Кралица на спортовите“, затоа што атлетичарите се вистински симбол на брзина, сила и издржливост. Во мое лично име и во името на Општина Охрид Ви посакувам да остварите високи резултати во сите дисциплини на овој натпревар и да покажете дека атлетиката може да застане на заслужен пиедестал во македонскиот спорт, истакна Маркоски во своето обраќање.
Државниот натпревар во атлетика го организира Федерацијата на училиштен спорт, а Општина Охрид го отстапи користењето на стадионот “Билјанини Извори”.
Извор: Општина Охрид