Денеска во Скопје, Државната комисија за спречување на корупцијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје го одржаа првиот од четирите планирани настани со градоначалниците и раководните лица од единиците на локалната самоуправа, заради заокружување на досегашната соработка во делот на имплементацијата на системот на интегритет на локално ниво. На денешниот настан учествуваа градоначалници од Скопскиот и Полошкиот статистички регион.
На настанот присутните ги поздравија претседателката на Државната комисија, г-ѓа Татјана Димитровска и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, кои ги истакнаа одговорностите на градоначалниците при поддржувањето на интегритетот и борбата против корупцијата, нагласувајќи дека градоначалниците треба да служат како пример и преку нивното етичко и професионално однесување да инспирираат, мотивираат и да го поддржуваат создавањето на подобро општество со нула толеранција за корупција.
Претседателката Димитровска и членовите на ДКСК, заедно со амбасадорот Вал ја реафирмираа својата заложба за промовирање на начелата за интегритет и спречување на корупцијата, во насока на засилена соработка во иднина со единиците на локалната самоуправа.