Со цел подобра социјализација и интеграција на лицата со попреченост во образовниот систем и во општеството, денес во ООУ„ Кирил и Методиј“ Стојаково се реализира доопремување на постојната сензорна соба. Соодветната опрема и реквизити се обезбедени со средства од Министерството за труд и социјална политика.
Сензорната соба е еден од клучните елементи на едно инклузивно училиште, неопходна за правилна едукација и развој на учениците со попреченост. Таа претставува мултисензорен простор кои овозможува индивидуализиран пристап и интервенција преку дополнителна сензорна стимулација или намалување на сензорните дразби. Се користи за индивидуална поддршка, едукација и третман на ученици со попреченост, со цел да се намали или елиминира непосакуваното негативното однесување и да се подобри совладувањето на образовните цели кои се индивидуализирани за учениците кои поради својата попреченост не напредуваат со истата динамика и резултати како и учениците со типичен развој.
Освен обезбедување на едукативен и простор за престој кој овозможува смирување или анимирање на нервниот систем, стекнување вештини за социо-емоционален развој и комуницирање и кој поттикнува грижа за себе, засилување на независноста и подобрување на учењето и образовните постигнувања на учениците овие соби ќе претставуваат безбеден простор за нашите деца.
Во тек е набавка за соодветна опрема и реквизити и за сензорната соба во ООУ„Петар Мусев“ Богданци, која очекуваме во најкраток рок, по завршување на сите неопходни процедури, да биде поставена.
Извор: Општина Богданци