Заменик претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Зоран Богоевски и членот на ДКСК Сервет Демири учествуваа на настанот „Парламент 2024-2028: Нови заложби во борбата против корупцијата“ посветен на улогата на Собранието во зајакнување на борбата против корупцијата кој се одржа на 5 јули 2024 година, во организација на Институтот за демократија во Скопје.
На настанот како клучни говорници учествуваа Сервет Демири, член на ДКСК, м-р Максим Ацевски, Главен државен ревизор, Љупчо Пренџов, претседател на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, и Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија.
Потребна е исклучителна политичка волја и од власта и од опозицијата, натпартиски напори, како и враќање на довербата во правосудството, Собранието и во останатите институции за да се постигне ефект во борбата против корупцијата, беше заклучено од учесниците на настанот.
На настанот пратеници, претставници на релевантните институции и на граѓанскиот сектор дискутираа за зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата во следните четири години. Дискусијата се фокусираше на главните теми и приоритети во борбата против корупцијата, како и инструментите за обезбедување на помош но и отчетност од институциите кои одговараат пред Собранието.