Градоначалникот Кирил Пецаков заедно со раководството на ГРК „Охрид“ во Големата сала на Општина Охрид одржа работен состанок со претставници на бизнис секторот од Охрид.
На состанокот беа презентирани можностите за поддршка на ГРК „Охрид“, кој оваа есен ги започнува натпреварите во ЕХФ Европскиот куп. Во рамки на презентацијата беше истакната вежноста на обезбедениот меѓународен пласман не само за ракометниот клуб и играчите, туку и за охридскиот спорт и подобрување на условите за развој на спортскиот туризам во Охрид.
Градоначалникот Пецаков во името на ракометниот клуб, упати благодарност до сите охридски фирми кои до сега застанале зад клубот и се негови верни соработници, со надеж дека нивниот позитивен пример ќе послужи како мотив за останатите претставници на бизнис заедницата да покажат добра волја и во рамките на своите можности да ја дадат својата поддршка.
ГРК Охрид сезоната во Супер лигата ја заврши на 4-то место со што избори пласман во Евро купот на ЕХФ. Охридските ракометари во оваа елитна лига ќе играат во второто коло од квалификациите. Првиот натпревар ќе биде на домашен терен на 19/20 октомври 2024 година против екипата на „Потаиса Турда“ од Романија. Реваншот ќе се игра една недела подоцна на гости кај противникот на 26/27 октомври 2024 година.
Извор: Општина Охрид