spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниГевгелија: Ретроспектива на „Гевгелиско културно лето“ во јули

Гевгелија: Ретроспектива на „Гевгелиско културно лето“ во јули

Скоро цел јули беше исполнет со интересни културни содржини за секоја возрасна генерација гевгеличани во рамки на тримесечната манифестација „Гевгелиско културно лето“.
Јулската програма беше затворена со одржаниот Концерт на бендот „Квинтето“, кој на гевгеличани им понудија вечер со авторски дела- прекрасна етно-џез, cross over и со примеси на класична музика. Виртуозниот настап на: Игор Бакревски – кларинет, Владимир Лазаревски – обоа, Кристијан Кожумановски – бас-гитара, Благоја Антовски – тапани и Марко Виденовиќ – виола и клавијатури ја воодушеви публиката.


Исто така, пред Концертот на „Квинтето“, најмалите, односно дечињата со нивните родители ја проследија детската престава „Разгалениот принц“, којашто ја изведоа уметниците од Театар „Хит“.
Претставата им донесе радост на децата, но со нејзината содржина им упати важна порака за нивните права и обврски, покажувајќи им низ актерска игра и активна интеракција што е добро, а што не е.


Музичкиот и танцов перформанс на „Дива“, збогатен со светлечки ефекти и интересна костимографија направи присутните да се почувствуваат чудно-чудесно. Членовите, под менторство на Марија Граматикова, преку приказната за девојката Утопија, низ игра и музика ги одведоа присутните со отворени очи во земјата на соништата, пренесувајќи им пораки да бидат храбри и да веруваат дека сè е возможно.


Автентичен белег на „Гевгелиско културно лето“ остави и завршната изложба на јубилејната 20. по ред Меѓународна ликовна колонија „Аполонија“, во организација на Фондацијата „Аполонија“. Со своите дела, инспирирани од убавините на Гевгелија или внатрешниот ликовен порив, пред гевгечичани се претставија уметниците: Ниче Василев, Гоце Божурски, Драги Хаџи-Николов, Мирјана Крстева –Массетти, Бојан Савиќ, Ѓорѓе Станиќ, Иван Кузмановски, Ифигенија Васдари, Зивер Каплан, како и гостинката Оливера Аџиќ и фотографот и добар пријател на Фондацијата, Рајко Р. Каришиќ, кој секоја година го овековечува преку фотографија процесот на работење на уметниците, како и атмосферата на самата изложба.


Интересна беше и проекцијата на мултимедијалниот Триптих на Емил Солевски- алегорија за губење на идентитетот, во рамки на Проектот „Генеза на хроничната мистерија“. Низ ликовни метафори, присутните гледаа низ призмата на објективното, со можност да се направи ново субјективно доживување.

Извор: Општина Гевгелија

Прочитајте