Министерството за образование и наука ќе формира Национално координативно тело за реформи во високото образование чија цел ќе биде преку инклузивен процес да направи план како да се подобри квалитетот на високообразовниот систем во Македонија, односно кои мерки треба да се преземат во иднина за да се достигнат повисоки образовни стандарди. Првичните резултати на ова тело ќе бидат видливи за година и половина отсега.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во дневникот на ТВ Сител, каде говореше за последната одлука на Владата со која МОН се задолжува да формира времено тело кое ќе треба да се справи со хиперпродукцијата на високообразовни установи во државата и ќе ги предводи промените што ќе се случат за да се унапреди квалитетот на високото образование.
„Ова тело ќе направи сеопфатна проверка на сите високообразовни установи во државата, и државни и приватни без исклучок. Ќе се проверува почитувањето на законите, просторните и кадровските капацитети, начинот на кој се изведува високото образование и научната дејност, бројот на студенти и така натаму. Ќе носиме заклучоци и сугестии по кои ќе треба да постапуваат чинителите на високообразовниот систем“, рече Јаневска додавајќи дека наскоро ќе има конститутивна седница со сите предвидени членови, со кои заедно ќе бидат поставени целите и ќе се дефинира правилник за работа.
Таа информираше дека во Македонија има повеќе од 40 високообразовни установи – универзитети, институти и високи школи кои, како што рече, за жал, не покажуваат квалитет и состојбите мора да бидат променети. Смета дека нема да настане конфликт со академскиот кадар, затоа што, факт е дека квалитетот на високото образование е драстично опаднат и постојат идентични ставови дека неопходни се добро осмислени крупни промени.