„Производната цена која што ја правеше Земјоделскиот институт ја правеше во соработка со Земјоделскиот факултет, иако носител на Договорот беше Земјоделскиот институт. Цените кои што ги истакнаа зголемени за 25%, Смедеревката 18,3 денари, а Вранецот 20,8 денари“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при изјавата дадена во Неготино.
Трипуновски посочи дека изминативе денови имал серија на состаноци со земјоделски здруженија, со винарски визби, потсекторска група.
„Постојано бевме на дневна основа во комуникација со сите засегнати страни. Еве денеска сме повторно во Неготино имав средба со земјоделските здруженија, Федерација на фармери итн. Разговараме за она што практично што во текот на вчерашниот ден беше обзнанено како производна односно откупна цена која што согласно шеќерните единици треба да биде платена“, рече министерот.
„Сакам да појаснам дека овие цени кои што ги истакнаа како производни зголемени за 25% се цени за шеќерна единица 19 за Вранец, и 17 за Смедеревката. Се што ќе оди да речеме шеќерна единица плус ќе се доплаќа“, појасни Трипуновски.
Министерот додаде дека мора да се работи на создавање на квалитет.
„Она денеска што ќе го комуницираме со земјоделските здруженија, со земјоделците е да кажеме дека ова е сериозен прогрес, не можеме да останеме неми на ситуацијата. Ако во минатата година Вранецот беше 18 денари значи веќе имаме сериозно зголемување оваа година, исто и за Смедеревката“, укажа министерот.
Тој истакна дека по завршување на оваа берба ќе се работи стратегиски за наредната година. Тоа значи дека државата ќе креира програми и мерки кои што ќе ги намалат производните трошоци се со цел откупната цена да биде прифатлива и за винарските визби кои што извезуваат, а земјоделците да имаат поголема добивка во делот на производството на грозје.
„Мора да работиме визионерски, Македонија треба да го задржи епитетот винска држава“, нагласи министерот.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство