Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку ветеринарните друштва, почна со дистрибуција на постери, флаери, брошури и прирачници за подигање на јавната свест во однос на болестите Африканска чума кај свињите, Чвореста кожа кај говедата и болеста Беснило. Материјалите се наменети за фармери, ловџии, ветеринари и за пошироката јавност. Најголемиот дел од печатените материјали ќе биде дистрибуирани преку докторите по ветеринарна медицина, членови на 194 ветеринарни друштва (ветеринарни амбуланти и клиники) на Ветеринарната комора на РСМ. Минатата година, дел од материјалите беа дистрибуирани преку официјалните ветеринари од подрачните единици на АХВ.
Печатните материјали се подготвени како дел од Програмите за надзор за Африканската чума кај свињите и болеста Чвореста кожа кај говедата. Овие две програми се кофинансирани од Европската извршната агенција за здравство и дигитализација – (Health and Digital Executive Agency – HADEA), како дел од Програмата за единствен пазар на храна (Single Market Programme – Food – SMP Food) која ги спроведува акциите на Европската унија за придонес кон високо ниво на здравје на луѓето, животните и растенијата.
Материјалите се ЕУ брендирани (со лого ЕУ за Тебе) со што се овозможува видливост и препознатливост на финансирањето од Унијата.
За болеста Африканска чума кај свињите, дизајнирани и печатени се постери, флаери, брошури и Прирачник за воведување на биосигурносни мерки на одгледувалиште за свињи и истите се наменети за ветеринари, фармери, ловци како и за јавноста во целина. Материјалите се печатени на Македонски и Албански јазик.
За болеста Чвореста кожа кај говедата, дизајнирани и испечатени се постери и флаери.
Печатењето на постерите и флаерите наменети за подигање на свеста и препознавање на болеста Беснило, се реализирани со средства на Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ подготвува и летоци и постери во однос на болеста Чума кај малите преживари, кои исто така ќе бидат дистрибуирани преку Комората.
Дел од материјалите кои се подготвени ќе бидат поделени и на Ловечката федерација на Македонија и здруженијата на одгледувачи на свињи “Гицко” и “Македонско Прасе”, на Сојуз на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”, Национална федерација на фармери и на други организации.