Општина Илинден и ЈКП „Водовод“- Илинден започнаа со изградба на нова линија за фекална канализација во населба Јака, во вкупна должина од околу 300 метри, а со изградбата на фекалната канализација ќе бидат опфатени сите домаќинства од тој дел на Општината. Со изградбата на оваа линија 95% од населбата ќе биде покриена со фекална канализација. Новата канализациона линија ќе биде изведена со полиетелиенски цевки со димезија Ø 250.
Увид во работните активности направија градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски и директорот на ЈКП ,,Водовод” – Илинден, Ивица Трипуновски.
Според градоначалникот Георгиевски, со изградбата на фекалната канализација во населба Јака, се решава долгогодишниот проблем со кој се соочуваа граѓаните од тој дел на општина Илинден.
-Инвестирањето во комуналната инфраструктура е од огромно значење за локалниот економски развој, како и унапредувањето и заштитата на животната средина со што се овозможува подобрување на квалитетот на живеењето во општина Илинден. Вложувањата во комуналната инфраструктура е од стратешко значење за Општина Илинден, истакна градоначалникот Георгиевски.
Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи да работи на обезбедување на квалитетна комунална инфраструктура со цел подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани во локалната заедница.
Извор: Општина Илинден