Граѓаните на општина Струмица и пошироко во регионот ќе имаат нов, современ градски пазар, кој ќе биде и најголемиот пазар во Македонија. Тој е уште едно предизборно ветување на градоначалникот Костадин Костадинов, коешто од денеска започна да се реализира. Вкупната површина на којашто се гради новиот пазар е 43.000 метри квадратни, од кои 8.200 ќе бидат покриени, а на кои ќе има 527 тезги, а планирани се и 250 паркинг места. За градоначалникот Костадинов ова е огромен капитален проект со големо значење за Струмица и регионот.
-Пред 3 години овде, како кандидат за градоначалник заедно со кандидатите за советници, држевме прес конференција и најавивме дека на ова место, на површина од 43.000 метри квадратни, затворена површина од близу 8.500 метри квадратни, Струмица и струмичани ќе добијат нов градски пазар. За цело ова време изготвивме проекти, распишавме јавни набавки, имаме избран изведувач и еве денес ова наше изборно ветување станува реалност.
Знаеме дека Струмица и струмичко се земјоделски регион, како примарна гранка ни е земјоделието и знаеме колку е важно и за земјоделците, но и за останатите граѓани да добиеме нов современ градски пазар. Самата површина покажува дека ќе биде огромен, 527 тезги како продажни места и 250 паркинг места за да не се создава метеж, а вреди да се спомне дека токму заради ова го реализиравме булеварското решение „Братство и Единство“ каде што го изведовме и новиот булеварски мост, прв во историјата на општина Струмица и е многу компатибилно со воспоставувањето на јавниот градски превоз, знаете дека Струмица е прва општина на Балканот со целосно електрифициран јавен превоз, така да граѓаните ќе имаат можност за релативно ефтини цени да се движат од населените места кон градот, секако и од градот кон градскиот пазар искористувајќи ги бенефитите коишто ние заедно со Советот и општинската администрација ги овозможуваме.
Секако дека таквите големи проекти ќе продолжат и во иднина и најавувам, посебно за оние сограѓани коишто имаа дилема дали ќе успееме со проектирање и реализација, веќе не треба да имаат. Ветивме јавен превоз и дека ќе бидеме прв град на Балканот со електричен јавен превоз и тоа го овозможивме, ветивме дека ќе имаме нов и современ градски пазар и тоа го овозможивме, ветивме нов булевар, тој веќе е направен, сега ветуваме Боемски парк на местото на постоечкиот пазар „Чешел“ и по реализација на овој нов пазар започнуваме веднаш со изградбата на тој парк што е потреба и барање на граѓаните. Нека ни е со среќа новиот современ и најголем пазар во Македонија, рече Костадинов.
На започнувањето на изградбата на новиот градски пазар присуствуваше и претседателот на СДСМ Венко Филипче, како и земјоделци, тимот и соработниците на градоначалникот Костадинов, претставници на општинската администрација и јавните претпријатија.
Извор: Општина Струмица