Во текот на летниот период, Општина Центар спроведе бројни реконструкции, реновирања и набавка на дигитална опрема во сите осум општински основни училишта. ООУ „ Свети Кирил и Методиј“ исто така доби нова опрема – седум смарт табли и десет клима уреди.
Со оваа инвестиција, речиси сите училници сега се опремени со клима уреди и со смарт табли. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакна дека за време на посетата на училиштето лично се уверил во придобивките од смарт уредите во наставниот процес.
„Дигитализацијата ја прави наставата поефикасна и поедноставна, а учењето поинтересно и позабавно. Особено сум горд што училиштето ООУ ,, Свети Кирил и Методиј”, со традиција стара 188 години, го применува ваквиот современ пристап во образованието и гради генерации со помош на модерни и дигитални технологии“, изјави Герасимовски.
Од седумте нови смарт табли, четири се обезбедени преку проект поддржан од Центарот за развој на Скопски плански регион, две се донација од општествено одговорна компанија, а една е финансирана од буџетот на Општина Центар. Клима уредите се набавени со средства обезбедени од самото училиште.
Покрај ова, со донација од компанијата Рамстор, завршено е доопремувањето на сензорната соба во училиштето, наменета за најранливата категорија деца со попреченост, со цел да им се олеснат потешкотиите и полесно да се вклучат во процесот на учење.
Општина Центар ќе продолжи со модернизација и унапредување на образовниот процес во интерес на учениците и наставниот кадар.
Извор: Општина Центар