„Да, работиме на три такви во овој период иако веќе неколку се случија, повеќе од 1.500-1.600 нови вработувања се во процес, четири нови инвестиции во изминативе два и половина месеци веќе се објавени, проширување на една постојна, две сосема нови и една во енергетиката со којашто ќе бидеме чекор напред кон реализирање на комплетна енергетска сувереност како држава“, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали има најава за нова инвестиција.
Тој најави дека во периодот којшто следи се работи на три нови инвестиции, од кои две се веќе постојни инвестиции и една огромна инвестиција во вредност од 150 милиони евра со земја којашто е членка на Европската Унија.
„Во периодот којшто следи работиме на три нови такви инвестиции. Две се веќе на постојни инвестиции коишто веќе работат кај нас, коишто ќе направат проширување на своето производно портфолио и очекувам веќе ноември месец полека но сигурно да ги објавуваме овие позитивни вести за граѓаните и една огромна инвестиција во вредност од 150 милиони евра, сме во последна фаза со една голема европска земја, којашто е членка на Европската Унија“, додаде премиерот Мицкоски.
Според него, доколку тоа се случи навистина ќе биде еден голем чекор напред и за нас како држава и за нас како Влада.
„Се натпреваруваме за оваа инвестиција, дневно комуницираме со потенцијалните инвеститори и доколку тоа се случи навистина ќе биде еден голем чекор напред и за нас како држава и за нас како Влада“, истакна претседателот на Владата Мицкоски.
Извор: Влада