spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЛС: Транспарентни општини го подобруваат квалитетот на услуги за граѓаните

МЛС: Транспарентни општини го подобруваат квалитетот на услуги за граѓаните

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со амбасадорката на Швајцарија, н.е. Вероник Улман и Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска ја посетија Општина Карбинци која е една од општините во која се спроведува проектот „Зајакнување на општинските совети –  Фаза 2“. Целта на посетата беше запознавање со имплементираните и тековните активности што се реализираат во Општина Карбинци, како и резултатите од проектот кој во оваа Општина е со времетраење од шест месеци и треба да заврши на крајот од месецов.

Во рамки на проектот, Општина Карбинци, преку 11 модули, изврши обука на советниците и општинската администрација, набави опрема за прикажување во живо на седниците на општината, а купи и специјално возило за собирање отпад, како резултат на одлука на граѓаните преку сесиите од Форумите во заедницата.

„За граѓаните беше приоритет набавката на возилото за комунален отпад, со што се очекува да се подобрат услугите кон граѓаните во оваа област, проширувајќи ги и на пределот на Плачковица. Со набавката на ова возило, целосно се задоволуваат моменталните потреби на Општината“, истакна градоначалникот Паунов, кој информираше дека Општината ја применува и LoGeS платформата за е-услуги на локално ниво, како и Е-таблата за транспарентност на општинските финансии, преку која граѓаните во реално време имаат увид во податоците за задолжување, ликвидност и трошоци на Општината.

Министерот Перински, изрази задоволство од имплементацијата на проектот кој веќе резултира со транспарентно, одговорно и квалитетно испорачување на локалните услуги за граѓаните, а истовремено Општината бележи зголемување на процентот на активна транспарентност од 34.8%, што е значителен напредок.

„Ме радува што проектот во Карбинци ги дава очекуваните резултати, а тоа е потранспарентна Општина и зголемено граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво. Комбинацијата на активности е она што го прави овој проект посебен, со оглед на тоа дека повеќе компоненти се надополнуваат и како резултат на тоа се подобруваат низа аспекти на локално ниво, пред сѐ во интерес на граѓаните“, истакна министерот Перински, потенцирајќи дека за транспарентни општини и поефикасни услуги за граѓаните се залага и Министерството за локална самоуправа.

Во таа насока и УНДП е поддржувач и партнер на единиците на локалната самоуправа и во моментов соработува со над 60 општини.

„Нашата соработка со Општина Карбинци е разновидна, од набака на опрема за пренос на седниците во живо, со што работата на Советот е потранспарентна и достапна за граѓаните, преку обуки и пристап до платформа за е-учење, па сѐ до вклучување на граѓаните преку Форумите во заедницата, како резултат на кои е набавен овој камион за комунален отпад“, посочи Постојаниот претставник на УНДП, Григорјан.

Според швајцарската амбасадорка Улман, демократијата напредува кога граѓаните се активно вклучени во процесите на донесување одлуки кои влијаат на нивните животи, а тоа е и целта на проектот.

„Зајакнувањето и градењето на капацитетите на општините е од клучно значење за обезбедување на испорака на јавни услуги кои одговараат на потребите на граѓаните. Повеќе од 20 години, Швајцарија ги поддржува реформите во управувањето во Северна Македонија, промовирајќи учество, транспарентност и одговорност“, посочи амбасадорката.

На денешната посета на Карбинци, присутните разговараа и за потребите и предизвиците на локалната самоуправа, како и за поддршката од централната власт и донаторската заедница во насока на подобрување на функционалноста на единиците на локална самоуправа.

Проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ е проект кој ќе трае до 2027 година, чија вредност изнесува 6.866.670 долари. Министерството за локална самоуправа кофинансира 1.250.000 долари, Швајцарската влада го поддржува проектот со 4.200.000 долари, со 716.670 долари партиципира УНДП, а со околу 700.000 долари учествуваат партнерските општини.

Извор: Министерство за локална самоуправа

Прочитајте

МП: Филков – Комората на вештаци стана функционална, обезбедуваме поголема транспарентност,...

0
Министерот за правда Игор Филков и претседателот на Комората на вештаци, Виктор Камнар на прес конференција соопштија дека со запишувањето на Комората на вештаци...