Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), д-р Оливер Миланов, од 11 септември до 13 септември, во Будимпешта, Република Унгарија, заедно со делегација од Агенцијата, учествуваше на ветеринарниот самит од Западен Балкан на главните ветеринарни офицери (директори на ветеринарни служби) и на Европската унија (ЕУ), Европската асоцијација за слободна трговија и првите луѓе на ветеринарните служби од Западен Балкан. На состанокот ќе се дискутира за поддршката за развој на капацитетите на ветеринарните служби од Западен Балкан, европската пракса и искуство за вакцинацијата на животните како основа за превенција и контрола на болестите, поддршката на ЕУ во делот на вакцинација кај лисиците и другите активности поддржани од ЕУ, а споделено ќе биде и искуството на Унгарија на оваа тема.
Првите луѓе на Ветеринарната канцеларија на Босна и Херцеговина и на Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ќе го претстават искуството од реализацијата на вакциналните кампањи на малите преживари против бруцелоза, оралната вакцинација против болеста беснило во периодот 2009-2024 година, како и искуството од управувањето со епидемиите на болестите кај животните во Косово и потенцијалот за нивна контрола со поддршка од ЕУ, како што е болеста чвореста кожа.
Во рамки на состанокот ќе бидат презентирани извештајот за реализација на проектот “Регионални активности за искоренување на болести во земјите од Западен Балкан” (ADEWB Project) и функционирањето на COMМ SANTE – Агенција за здравствени комуникации и банка за вакцини.
На маргините на состанокот, на 13 септември, ќе се одржи Шестиот форум за комуникација и соработка на директорите на ветеринарните служби од Западен Балкан на кој ќе учествуваат претставници од Европската комисија – DG SANTE, Светската организација за здравје на животните – WOAH, од ветеринарните служби на Романија и Грција и претставници од ветеринарните служби од Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Тема на овој состанок ќе биде актуелната состојба со болеста чума кај малите преживари, за што претставници од надлежните ветеринарни служби од Грција и Романија ќе ја презентираат актуелната состојба со болеста во нивните земји и мерките кои ги преземаат за ставање под контрола и нејзино искоренување.
Презентиран ќе биде и глобалниот и регионалниот механизам за координација во однос на преземање превентивни и заштитни мерки против оваа болест.