spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаМицкоски дециден: Ако има желба од ЕУ да сме дел од европското...

Мицкоски дециден: Ако има желба од ЕУ да сме дел од европското семејство, тогаш има и начин, повеќе ултиматуми не прифаќам

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, на новинарско прашање, во врска со работната посета на Брисел, средбите со челниците од Европската Унија и за тоа како поминаа средбите, изјави:

„Вчера имав навистина динамична агенда, убава агенда, каде што можевме да ги презентираме позициите коишто ги имаме како македонска Влада. Во делегацијата покрај мене беа и двајцата министри, министерот за европски прашања и министерот за надворешни работи, надворешна трговија, Муцунски и Муртезани. 

Мислам дека имавме корисна посета во Брисел, многу од работите, нашите соговорници за првпат ги слушнаа. Жалам што изминативе седум години освен свитката кичма, коленичење, друго не биле во можност да слушнат ниту да видат од претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, но ние таму отидовме подготвени со озбилни аргументи и факти. 
Имавме добар корисен и содржаен ручек којшто го приреди старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула Фон Де Лајен заедно со останатите лидери на регионот на Западен Балкан. Потоа имавме состанок со претседателот на Европскиот Совет господинот Шарл Мишел, потоа имавме состанок и со сѐ уште актуелниот еврокомесар за проширување и соседска политика исто така со генералниот директор на Директоратот за преговори и соседство господинот Герт Јан Компан. 
Можам да кажам дека со соговорниците се согласивме дека иднината на Македонија како држава е во рамките на европското семејство. Се согласивме дека и како држава и како граѓани направивме многу т.е. да бидам попрецизен како ниту еден народ и како ниту една држава што тоа го направила во процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија. Повеќе од две и половина децении бевме во некакви групи и секогаш од нас се бараше нешто коешто е резултат на билатерални спорови, а не копенхагенски критериуми и нешто што се темели на исполнување на цели и политики, туку тоа повеќе беа национални отстапки. Еден од соговорниците на ручекот кажа, а тоа беше еден од лидерите од земјите од Западен Балкан дека е потребно да се жртвуваме. Јас би рекол дека тоа што го направија македонските граѓани и Македонија не е жртва, ние направивме многу жртви, туку е понижување, тоа што ни се случуваше изминативе две и пол децении. За жал, некој под жртва подразбираат ако сменат закон или два. За нас жртва претставуваше промена на национални симболи, идентитетски обележја, нешто коешто за жал корумпираните политички елити во минатото, не можејќи да се носат со фактите и аргументите го правеа додека го ограбуваа сопствениот народ и не им беше срам да го понижуваат. Од голтари влегуваа во политиката, милионери излегуваа и тоа е нешто коешто оваа генерација во оваа македонска Влада има за задача да го исправи“ и додаде: 
 
„Ќе Ве потсетам на почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од таа група, па потоа бевме во група со Хрватска, за да излеземе од таа група, па потоа со Србите и Црна Гора, за да и таа група не претрка, па со Албанија, па сега и Албанија ќе не претрка“. 

Премиерот истакна, додека тој е на чело на македонската Влада нема да прифати ултиматуми за нашата држава да стане дел од европското семејство. 
„Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна. Ако навистина сакате да бидеме дел од европското семејство тогаш има начин. Ако има желба, има и начин. Повеќе ултиматуми немаме намера да прифатиме, барем јас додека ја водам македонската Влада. Ултиматуми нема да прифаќам, ниту има цена што може да ме убеди да прифатам ултиматум. 

Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидат дел од тоа семејство врз основа на мерит-системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки. Тоа нема да го дозволиме!

Ако тие навистина сакаат да напредуваме, врз основа на мерит-системот, тогаш преговорите ќе ги почнеме уште веднаш, уште утре. Но, очигледно дека дозволуваат една земја членка да го билатеризира целиот овој процес, нешто коешто не е став на останатите 26 земји членки. Ние немаме што да правиме, ние мораме да се бориме за својот став, ние мораме да се бориме за својата позиција. 

И, на моите соговорници им кажав дека повеќе не можеме пред нашите граѓани да излеземе и да ги браниме двојните стандарди. Ако важи принципот pacta sunt servanda за Преспа, тогаш треба да важи принципот pacta sunt servanda и за Договорот за добрососедство. 

Нека ми каже еден во Брисел, каде во тој pacta стои дека ние мора да го промениме Уставот. Нека не ми споменуваат предлози, друго е францускиот предлог, тоа е предлог, не е pacta, не е договор. Како може да важи за нас и за оваа Влада и за сите влади, претпоставувам во иднина додека не се вратат работите во нормала еден ден и ние не треба да престанеме да сонуваме. Pacta sunt servanda тоа е Преспанскиот договор тогаш ќе мора да важи за Договорот за добрососедство. А таму значи дека, нашиот источен сосед ќе не поддржува и нема да не кочи во евроинтегративниот процес. 

Тоа е pacta, тоа е договор, не е договор францускиот предлог. Треба сите да знаеме и македонската јавност и бриселската и цела Европа. Не смееме повеќе со двојни стандарди да водиме политика. Политиката треба да ја водиме врз основа на принципи и вредности коишто се поврзани со Копенхагенските критериуми и коишто се темелат на меритократија, а не на билатерални спорови и опструкции, и национализми и идентитетски прашања. Тоа е мојата порака, и таа беше мојата порака во Брисел“,  нагласи  премиерот Мицкоски.

Извор: Влада

Прочитајте

МЕП: Средба на министерот Муртезани со новименуваниот евроамбасадор Рокас

0
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ја оствари првата работна средба со новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, амбасадорот...