Унгарија е наш силен европски партнер во нашите напори за остварување макроекономска стабилност, во реализацијата на внатрешните реформи, како и силен поддржувач на нашата евроатлантска интеграција. Билатералниот заем од 500 милиони евра со поволни услови е чекор во унапредувањето на соработката. Ова беше заклучено на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со нејзиниот колега од Унгарија, Михаил Варга, кој е дел од делегацијата што ја предводи унгарскиот премиер Виктор Орбан во Охрид.
„Македонија е исправена пред многу предизвици. Од преземањето на власта, новата Влада се справуваше со многу отворени прашања. Целта е да ја стабилизираме макроекономската состојба и цврсто да зачекориме кон остарување поголем економски напредок“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Taa додаде дека веќе се подготвува Буџетот за 2025 година, а со тоа се дефинираат и политиките што ќе се реализираат во наредниот период. Ќе се посвети внимание на борбата со сивата економија, од која се очекуваат значајни резултати врз стабилноста на приходите и подигнување на конкурентноста на економијата. Во таа насока значајно место има воведувањето на е-фактура.
На средбата соговорниците разменија мислење за даночните политики, глобалниот данок, поддршката на земјоделскиот сектор како значаен сегмент и исплатата на субвенциите, како и за справувањето со инфлацијата. Воедно, министерката посочи дека ќе се креираат решенија коишто ќе создадат поволни услови за бизнис.
Истакнувајќи дека целта е да постигнеме економски напредок на државата и повисок стандард за граѓаните, рече дека Унгарија е силен партнер во остварувањето на оваа наша цел и од особено значење ќе биде споделувањето на нивното искуство во спроведувањето на претстојните реформи. Притоа, Димитриеска-Кочоска се заблагодари за подадената рака од страна на Унгарија, со обезбедените половина милијарда евра заем по поволни услови.
„Имаме многу отворени можности за унапредување на меѓусебната, особено на економската соработка. Билатералниот заем е огромна поддршка на нашиот пат за реализација на реформите и стабилизација на нашата макроекономска состојба. Тој е само вовед во една поширока економска соработка што ќе се развие меѓу двете земји“, рече министерката.
Воедно, беше потврдена и заложбата за продолжување на реформската агенда на земјата кон целосно пристапување во ЕУ и дека на тој пат Унгарија, која во моментов претседава со Унијата, дава безусловна поддршка за Македонија, како и за целиот Западен Балкан.
Министерката потенцира дека реформите се клучот за придвижување кон ЕУ и дека тие реформи ќе бидат високо на агендата за добробит на граѓаните и на државата.
На средбата стана збор за наредните активности околу реализацијата на средствата обезбедени со заемот од Експорт-импорт банката од Унгарија. Повторено е дека тие средства ќе бидат искористени за поддршка на општините и за локален економски раст, како и за поддршка на компаниите. Се очекува да се преземат активности за продолжување на таквата соработка. Договорот за заемот, како што беше посочено, се очекува да биде потпишан во првата половина од октомври.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска беше придружена од државниот секретар во Министерството за финансии, Андриана Матлиоска и шефот на Кабинетот на министерката, Катерина Антовска.
Извор: Министерство за финансии