spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Јаневска на Министерски состанок за образование, обука, истражување, иновации и култура...

МОН: Јаневска на Министерски состанок за образование, обука, истражување, иновации и култура на Западен Балкан

Ако искрената волја, ентузијазмот и напорите за развој на државите кои ги претставуваме, сите што сме тука присутни продолжиме да ги трансформираме во заеднички акции, тогаш целите полесно ќе ги остваруваме и ќе го направиме регионот препознатлив по забрзан раст и конкурентен во глобални размери.

Ова го изјави министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Министерскиот состанок за образование, обука, истражување, иновации и култура на Западен Балкан, кој се одржува во Скопје. 

– Верувам како репрезенти на националните влади, сите ние имаме што да споделиме и верувам во подигнување на проактивноста на регионот во заложбите за образовен, научно – истражувачки и културолошки развој на светот. Сé е во наши раце и од нас зависи, рече министерката во поздравното обраќање.

Одговарајќи на прашања на панел-дискусија, Јаневска истакна дека за земјава, нема друга алтернатива, освен постигнување на политички консензус за долгорочна образовна стратегија и интензивно вложување во квалитетно образование за граѓаните на сите нивоа.

– Како гледаме на целиот процес на градење на ефикасен и ефективен образовен систем? Универзално упатство за постапување, не постои. Но, постои едно начело кое верувам дека е секаде прифатено, а тоа е дека образовниот систем за да биде корисен, најважно е да биде во функција на задоволување на потребите на економијата, потенцираше министерката, напоменувајќи дека очекува и универзитетите да ги модернизираат студиските програми, за да не мора во потрага по интересни студии и квалитетни знаења да се оди во други земји.

Во делот на високото образование и научно-истражувачката дејност, Јаневска истакна дека земјата не отстапува ниту од вмрежувањето на нашите универзитети и научно – истражувачки установи со останатите, не само во регионот, туку и пошироко.

Во овој дел, рече таа, имаме и обврски и одговорности кои произлегуваат од Европската стратегија за универзитетите и новата европска агенда за иновации како и од Берлинскиот процес кој предвидува меѓусебна поддршка и соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и образованието и науката.

Одговарајќи на прашањата за дигитализацијата на образовниот систем, Јаневска истакна дека земјата активно учествува во работните групи на Европската образовна област и е насочена кон воспоставување на соработка и размена на искуства со цел успешна имплементација на Европските образовни стратегии, вклучително и имплементација на стратегиските приоритети од Акцискиот план за дигитално образование.

Посочи дека училиштата континуирано се опремуваат со информатичко–комуникациска технологија, интерактивни табли, компјутери и таблет уреди за ученици со поддршка на локалните самоуправи.

Дека дигитализацијата, останува приоритет на Владата, истакна Јаневска, потврдува и фактот што пред три месеци формиравме и ново Министерство за дигитална трансформација, кое со своите ресурси ќе им помага на другите институции носители на овој процес, да ги дигитализираат соодветните области.

Извор: Министерство за образование и наука

Прочитајте