Кредитната агенција „Фич“ во најновиот извештај за земјата го потврди кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед. Тоа според „Фич“ се должи на кредибилните и конзистентни макроекономски политки поддржани од долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобри показатели во управувањето од земјите со слични економски перформанси, како и реформите на среден рок поврзани со евроинтеграцијата.
Агенцијата очекува раст на економијата во наредните години во просек од 3,5%, а спроведувањето на кредибилна среднорочна фискална стратегија со постепено намалување на буџетскиот дефицит да биде клучен фактор за стабилизирање на долгот. Очекува умерено намалување на буџетскиот дефицити на ниво до 3,5% во 2026 година. Намалувањето го темели на очекувањата да се нормализираат заостанатите долгови, поради кои со ребалансот дефицитот беше ревидиран.
„Фич“ како важна алка на фискалната политика ја наведува борбата со сивата економија преку дигитализација на процесите, при што е нотирана намерата на Владата за воведување електронска фактура.
Долгот, според „Фич“ ќе се движи над пропишаниот лимит согласно Законот за буџет. Во извештајот нотира дека ќе се реализира заем од 500 милиони евра од Унгарија со пониски каматни стапки од оние на меѓународните пазари, со цел да се покријат буџетските потреби. Во периодот 2025-2026 година очекуваат поголем обем на домашно задолжување на домашниот пазар, придружено со поволни заеми, вклучувајќи од Светска банка и од ЕБОР. Сметаат дека средствата од Линијата за претпазливост и ликвидност од ММФ кои беа одобрени и претставуваа резерви нема да се искористат.
Растот според „Фич“ ќе биде поттикнат од реализацијата на инвестициите, особено инфраструктурните на Коридорите 8 и 10д. Позитивно влијание исто така ќе има поддршката што ја добива РС Македонија од ЕУ, како дел од евроинтегративниот процес.
Задржаниот кредитен рејтинг е потврда на политиките на новата Влада во насока на активна фискална консолидација и стабилизирање на јавните финансии, кои ќе бидат продолжени во наредниот период со донесената Фискална стратегија, Стратегијата за управување со јавниот долг и Буџетот за 2025 година, којшто е во фаза на подготовка.
Кредитната агенција „Фич“ два пати во годината објавува извештаи за кредитниот рејтинг на земјата. Во април исто така беше потврден кредитниот рејтинг на земјата „ББ+“ со стабилен изглед. Кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед се одржува од 2019 годинa.
Кредитниот рејтинг на земјата, а воедно и политиките што ги спроведува, ги оценува и Кредитната агенција „ Стандард и пурс“ два пати во годината.
Кредитниот рејтинг којшто го изготвуваат агенциите за кредитен рејтинг го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носењето на нивните одлуки.
Извор: Министерство за финансии