Реформите и забрзувањето на економскиот раст беа главна тема на средбите во Владата и во Министерството за финансии со Меѓународниот монетарен фонд.
На средбата со Алфред Камер, директорот за Европа во Меѓународниот монетарен фонд, Анет Кјоб, шефица на Мисијата на ММФ и Себастијан Соса, претставник на ММФ во земјава стана збор за фискалната политика што ја води новата Влада и којашто е насочена кон подобрување и одржување на долг рок на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност, а преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето со јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи.
„Клучните елементи на кои ќе се заснова фискалната политика што ќе се спроведува во наредниот период се дисциплиниран фискален пристап, намалување на неформалната економија, зголемена наплата на приходи за државниот буџет и севкупна фискална консолидација. Контурите ги поставивме со усвоениот ребаланс на Буџетот за 2024 година, со кој преку заштеди обезбедивме дополнителни околу 20 милијарди денари со цел сервисирање на законските обврски и на доспеаните обврски“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека голем фокус, покрај на определбата за фискална консолидација и буџетски заштеди, ќе биде ставен и на поддршка на економијата, и тоа преку инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии со одржување високо ниво на капитални расходи и зајакнување на транспарентноста и отчетноста.
„Во Министерството за финансии веќе е при крај подготовката на најзначајниот документ во државата, Буџетот за 2025 година и тој наскоро ќе биде доставен на усвојување во Владата. Она на што сакаме да ставиме акцент е фискалната консолидација и постепеното намалување на буџетскиот дефицит, а притоа постигнување високо ниво на капитални расходи. Исто така, се работи и на подготовка на Среднорочната фискална стратегија 2025 – 2029 година, а првпат е изготвена и Изјава за фискална политика, која ги содржи насоките за фискалната стратегија за период до 2028 година“, рече министерката.
На средбата беше потенцирана определбата за силна борба со неформалната економија и поефикасна наплата на приходите во Буџетот. Преку справување со неформалната економија, покрај зголемени приходи, ќе се создадат и рамноправни услови за игра на компаниите и нивна поголема конкурентност, а тоа ќе води кон забрзување на економската активност. Очекувањата се дека инфлацијата ќе се стабилизира, а паралелно економијата ќе закрепне и порасне.
Во оваа насока, како што наведе министерката, веќе се работи на воведување е-фактура. Тоа е една од првите планирани активности со цел да се спроведе поефикасна даночна контрола и да се заштедат ресурси во даночната администрација.
Министерката истакна дека соработката со меѓународните финансиски организации е особено значајна за земјава и дека таа продолжува преку реализација на повеќе проекти. Посочи дека наскоро се очекува да биде потпишан договорот со унгарската Експорт-импорт банка, со кој ќе се обезбедат средства за буџетска поддршка, кои понатаму ќе бидат пласирани во проекти за локален развој и за поддршка на компаниите.
Извор: Министерство за финансии