spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваПрес-конференција на Министерот за европски прашања

Прес-конференција на Министерот за европски прашања

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа тематска прес-конференција, на која беше направен преглед на работата во изминатите три месеци.

Тој истакна дека тимот во Министерството за европски прашања работеше на повеќе стратешки области, со цел да се забрза напредокот на Северна Македонија кон членството во Европската Унија, осигурувајќи воедно дека институциите се подготвени за претстојните предизвици.

Во продолжение следи интегралниот текст од обраќањето на Министерот:

Почитувани, Изминаа исполнети први 100 дена за нашето Министерство, затоа денеска би сакал со помош на медиумите, да ја информирам јавноста преку преглед на работата која ја реализиравме во овој клучен период. Работевме на повеќе стратешки области, со цел да го забрзаме напредокот на Северна Македонија кон членството во Европската Унија, истовремено осигурувајќи се дека нашите институции се подготвени за претстојните предизвици.

Важна организациска промена беше трансформацијата на Секретаријатот за европски прашања во Министерство за европски прашања, што го синхронизира нашето работење со поширокиот мандат за координација на процесот на интеграција во ЕУ. Во рамките на ова структурно усогласување, ја презедов улогата на Главен преговарач, а мојата заменичка, стана Заменик главен преговарач. Заедно со нашите посветени тимови, работиме на формирање на преговарачката структура која ќе ги вклучи различните експертски гласови од општеството, обезбедувајќи инклузивен и транспарентен процес на пристапување.

Неодамна јавноста беше информирана за потпишувањето на Финансиската спогодба за 2024 Годишната програма за ИПА, што претставува уште еден чекор напред во обезбедување на потребните ресурси за нашите реформи. Договорот, во вредност од 61,8 милиони евра, обезбедува поддршка на нашите приоритети во секторите здравство, социјала, правда, внатрешни работи, конкурентност и иновации, енергетика, земјоделство, локален и регионален развој. Ова е важен финансиски поттик, не само за Владата, туку и за пошироката социо-економска трансформација која е во согласност со стандардите на ЕУ.

Подеднакво значајна беше и работата на Планот за раст и Реформската агенда 2024-2027. Оваа сеопфатна рамка покрива пет клучни приоритетни области: реформа на управувањето и јавната администрација, енергетска транзиција и одржливост на животната средина, развој на човечкиот капитал, подобрување на деловната клима и зајакнување на владеењето на правото. Овие реформи, развиени во тесна соработка со нашите европски партнери, ќе го поттикнат трансформативниот процес потребен за Северна Македонија да се усогласи со стандардите и практиките на Унијата.

Дополнително, Министерството за европски прашања го отпочна и програмирањето за ИПА 2025-2027, фокусирајќи се на секторите како реформата на јавната администрација, образованието, владеењето на правото и дигиталната трансформација. Со годишна алокација која се движи од 65 до 80 милиони евра, овие фондови ќе играат клучна улога во понатамошната реализација на нашата Реформска агенда и подготовката на земјата за членство во Европската Унија.

Нашиот фокус останува цврсто насочен кон Патоказот за владеење на правото и неговиот придружен Акциски план за заштита на малцинските права и Патоказот за реформа на јавната администрација. Овие основни реформи се во срцето на нашиот преговарачки процес, обезбедувајќи дека Северна Македонија продолжува да гради силни институции, кои ги почитуваат демократските вредности и правата на сите нејзини граѓани.

Нашите напори за градење капацитети продолжуваат со тековната работа на Центарот за обуки на Министерството. Во овие први 100 дена, беа одржани над 20 настани, со цел зајакнување на вештините и знаењето на нашите државни службеници. Со обезбедување на вистинските алатки и експертиза, нашата администрација е целосно подготвена за справување со комплексноста на преговарачкиот процес и целосно искористување на достапните европски фондови. Нашата соработка со различни меѓународни партнери останува суштинска во оваа иницијатива, вклучувајќи ги и проектите како SUPRAE, UNOPS и други.

Паралелно, го појачуваме интензитетот на преводот на правото на ЕУ на македонски јазик, со речиси 16.000 страници преведени само оваа година. Овој превод не е само техничка задача – тој е важен дел од транспарентноста и инклузивноста на процесот на членство во Унијата. Оваа клучна задача нè доближува до целосната правна усогласеност, овозможувајќи ни да ги исполниме строгите барања на европските закони.

На крај, би ги спомнал и дипломатските активности на високо ниво изминативе месеци. Од состаноци со клучни претставници на европските институции во Брисел, преку работни посети во земјите-членки на Европската Унија, вклучително и земјата која претседава со Советот на Унијата, до учество на официјалниот Совет за општи работи на ЕУ, на кој за прв пат беа вклучени и претставници од земјите-кандидатки за членство. Овој дипломатски ангажман, кој ќе продолжи и во иднина, има за цел да го зацврсти евроинтегративниот процес на челната позиција на приоритети на оваа Влада, а воедно и да ги зајакне нашите меѓународни партнерства.

Како заклучок, овие први 100 дена беа интензивни, но, според досега наведеното, би рекол – и ефикасни. Министерството за европски прашања останува посветено на исполнување на својата клучна улога во овие сложени пристапни преговори, со професионализам и посветеност на тимот од стручните служби и политичка визија на раководството. Ги разбираме предизвиците кои следат, но со огромна политичка волја, со ангажманот на нашите експертски тимови и поддршката од нашите европски партнери, уверен сум дека ќе продолжиме да работиме со подеднаква посветеност и транспарентност за исполнување на аспирациите на нашите граѓани, за обезбедување на нашето место во европското семејство.

Ви благодарам.

Извор: Министерство за европски прашања

Прочитајте