Почитувани,
Денес го означуваме почетокот на изработката на Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој– Националната ИКТ стратегија.
Националната ИКТ стратегија е клучниот документ кој ќе ги води сите наши напори и активности во однос на дигиталната трансформација, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата на ова поле.
Неопходно е да чекориме во ист ритам во свет кој напредува со огромна брзина, а пристапот до дигиталните технологии и нивно подведување во функција и интерес на човекот и нивното правилно искористување отвора нови хоризонти и перспективи за сите.
Важно е да се разбере дека дигитализацијата не претставува една, монолитна работа, туку опфаќа низа комплексни, меѓусебно поврзани и комплементарни чекори.
За да чекориме по вистински пат важно е да се знае од каде поаѓаме, како и каде се движиме. Внимателен, сеопфатен, стручен и структуриран пристап е клучен предуслов за дигитална трансформација и последователно, општествен развој во согласност со светските текови.
Дигитална трансформација во служба на граѓаните, достапни и ефикасни услуги и борба против присутната корупција со искористување на дигитализацијата е еден од врвните приоритети на Владата.
Денес ја отпочнуваме работата на Работната група за донесување на Националната стратегија која е една од првите активности на Националниот совет за дигитална трансформација, чијшто претседавач сум јас. Тоа ја покажува посветеноста на Владата во однос на дигиталната трансформација на општеството.
Би сакал да ве уверам дека создавањето на модерна дигитална информациско-комуникациска инфраструктура претставува еден од нашите клучни, врвни приоритети.
Нашиот пристап е совесен и одговорен. Размислуваме и делуваме долгорочно, плански и системски, не делуваме ad hoc, во соработка со стручната, научната заедница, граѓанскиот и бизнис сектор, како и со коморите. Во таа насока е и работата на оваа Работна група.
Токму во таа насока беше и воспоставувањето на ново, наменско Министерство за дигитална трансформација кое е носител на дигиталните политики на Владата и кое работи на креирање на сеопфатни хоризонтални решенија и платформи. Создаваме систем во кој секој ќе добие можност да се вклучи, систем кој ќе го трасира патот кон рамномерна корист на сите, со оптимизирани ресурси, без преклопување на активности и проекти.
Јас на дигитализацијата гледам како на клучна алатка во борбата против корупцијата, бидејќи автоматизацијата на процесите помага во намалувањето на надворешно влијание и субјективност.
Кога од една страна секојдневниот живот е технолошки олеснет, кога продуктивноста, конкурентноста, иновациите се стимулираат и оптимизираат.
Со намера да се отклучи овој потенцијал, денес учествуваме во една многу важна дискусија за предизвиците и можностите кои генерално ги отвораат дигиталните технологии.
Извор: Влада