spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМП: Филков - 100 дена посветени на реформи во правосудството и враќање...

МП: Филков – 100 дена посветени на реформи во правосудството и враќање на довербата на граѓаните во системот!

Почитувани граѓани,  

Како министер за правда, овде пред вас со задоволство ги презентирам резултатите од првите 100 дена од нашата работа.  

Министерството за правда ги креира основите на правниот систем, подразбирајќи ги тука сите три власти: законодавната, извршната и судската.  

Притоа, изминативе години, а особено 100-те изминати дена токму  судството  е  областа каде државата имаше најмногу критики.  На ова се надоврзаа и коментарите за зголемена корупција особено во правосудните институции.  

Токму затоа,  очекувањата на целокупната јавност од ова министерство се големи и со право. 

Се очекуваат резултати, не само заради промена во политиките во однос на правосудството, туку и секој граѓанин се надева   дека постапките пред судовите каде бара заштита на своите права ќе бидат законски, без одложувања, и без никаков сомнеж за коруптивни влијанија. Граѓаните очекуваат и дека доколку се нарушат ваквите принципи на постапувањата пред судовите, ќе следува и одговорност и мерки за лицата кои тоа го сториле.  Само на тој начин може да се врати довербата на јавноста во судскиот систем. 

Соочени со ваквиот предизвик, најлесно е да се даде  одговорот дека изминатото време е прекусо за да се видат промените, но факт е дека токму во овој сегмент, за правото и правдата не очекува многу работа.  

Патот по кој тргнавме не е лесен. Но, тоа е пат по кој ние сме решени да одиме и нема да запреме. Од самиот почеток, оваа Влада се обврза на длабоки, суштински и влијателни реформи, Граѓаните во државата заслужуваат правосуден систем кој работи за сите подеднакво, систем што нема да биде подложен на притисоци, влијанија и корупција. 

Во текот на изминатите 100 дена, ги поставивме темелите на нашите   реформски чекори насочени кон градење на  транспарентен, ефикасен систем, во кој нема да има место за корупција. 

Што направивме за 100 дена? 

  1. Одржавме над 86 средби, на  кои се сретнавме со многу амбасадори, претставници на професионалните Комори, домашни и странски експерти, граѓански организации, но и синдикални организации. Секоја од средбите резултираше со нова идеја, иницијатива и идна соработка.  Слободно може да кажам дека нашите односи со меѓународните партнери никогаш не биле посилни. Во моментов во Министерството за правда работат француски и други  експерти заедно со нас, обезбедувајќи поддршка за потребните реформи во правосудството. 
  1. Ја поништивме одлуката на претходната Влада за десеткратно зголемување на Нотарската тарифакако одговор на бурната реакција на граѓаните, во однос на неоснованото прекумерно зголемување на тарифата направено непосредно пред заминувањето на претходната власт. 
  2. Како резултат на средбите со неколку синдикални организации,пристапивме кон изработка на нов Закон за судска служба, со оглед дека за суштински реформи во правосудството, не е доволно да се фокусираме само на судите, нивниот статус и одговорност . Судскиот систем го сочинуваат и илјадници вработени како судски службеници, лица кои вршат технички и помошни работи во судовите, и судски полицајци без кои судството не може да функционира. Токму од нив, а со цел регулирање на нивниот статус, почнуваат реформите во судството. 
  3. Одржуваме редовни работни средби со Управата за извршување на санкциино истовремено одржавме средба со   директорите на затворите на која  укажаа на горливиот проблем со недостатокот на затворска полиција, скоро во сите затворски институции. Проблем на кој укажаа и синдикалните организации на затворската полиција, барајќи итни решенија, со цел овозможување на безбедност на институциите, како однадвор, така и одвнатре.

За таа цел се бараат соодветни солуции и се размислува за можни решенија меѓу кои и процес на преземање на лица од АРМ кои треба да заминат во пензија, во затворската полиција. 

5.Стапија на сила меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба и Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи.

6. Подготвивме законски измени  на Законот за бесплатна правна помош, кој  Собранието веќе го донесе. Со  ова се прошири пристапот до правда за најранливите граѓани во нашето општество. 

7. Како резултат на бројните средби со експертската јавност, граѓанските и меѓународните организации,  одржавме  јавни расправи за Законот за кривична постапка за понатамошно модернизирање и рационализирање на нашите правни процеси,по што ќе се пушти во владината процедура.

8.Пристапивме кон завршување на деценискиот процес за кодификацијата на граѓанското законодавство. На барање на граѓанските организации, и стручната јавност, планирани се јавни расправи за Граѓанскиот законик со цел да се презентира концептот, но и да се слушнат коментарите и идеите за подобрување на концептот, кој за цел има зголемување на правната сигурност на граѓаните.  

9.Овозможивме целосна имплементација на системот Фемида – аудио-визуелен систем за снимање на судските рочишта што ќе обезбеди транспарентност во судските постапки, пред судовите на целата територија на државата, вклучувајќи го тука и Управниот суд. Овој систем претставува голем чекор напред во обезбедувањето на одговорност во судството пред јавноста. На ова се чекаше дури 14 години. 

    Но, ова е само почеток.  

Реформите што ги презедовме во овие први 100 дена ја поставија основата за подлабоки, повлијателни промени што допрва доаѓаат.  

Нашата визија за иднината на правдата во Северна Македонија е онаа каде што: 

  • Судството е целосно независно, ослободено од политичко влијание и одговорно пред луѓето на кои им служи. 
  • Секој граѓанин, без разлика на неговиот статус или имотна состојба и друго , има еднаков пристап до правно застапување и правично судење. 
  • Секој граѓани да се увери дека корупцијата во правосудниот систем ќе биде целосно искоренета, а оние кои се обидуваат да го поткопаат владеењето на правото да бидат повикани на одговорност. 
  • Во наредните месеци ќе иницираме јавни дебати за законски измени кои ќе бидат отворени за сугестии и критики, особено дебатите за Законот за Судски совет и Законот за јавно обвинителство. Овие дискусии нема да бидат површни. Тие ќе бидат сеопфатни, ќе ги вклучуваат сите релевантни чинители и ќе имаат за цел да создадат решенија кои ќе ја загарантираат независноста на овие институции.  
  • Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата.
  • Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеењето на правото. 

Голем предизвик во реализацијата на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од оценската мисија на Европската Комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана информација, истиот бил земен од мојот претходник, заради што Министертвото не располага со истиот. Како резултат на тоа, принудени сме да се потпираме на електронски верзии само на дел од документот, кој ги содржи исклучиво препораките, без соодветните образложенија и официјалниот допис на ЕК.   

Ова е само мал дел од најавените активности со кои ќе управува Министерството за правда, во следниот период. Не очекуваат суштински измени во: 

  •  сферата на нотаријатот со цел да се одговори на тековните потреби на граѓаните, стопанството но и нотарските канцеларии;  
  • сферата на извршувањето каде не очекува процесот на усогласување со новиот закон за платежни услуги, надминување на проблемот со извршувањето на идните градби, создавање на функционални извршителски канцеларии и друго;  
  • сферата на медијацијата во правец на креирање на функционално тело за лиценцирање и надзор на медијаторите и интензивирање на постапките за медијација; 
  • сферата на Бесплатната правна помош со цел -достапност до правдата за секого, и за барателите на азил, бегалците и други ранливи категории на лица.

Со цел да се овозможи ефикасно работење и навремено решавање на  предметите, планираме да се пристапи кон законски измени во однос на границата за пензионирање на судиите и јавните обвинители од причина што имаме константно  намалување  на бројот што се одразува на постапувањето по предмети и изготвувањето на квалитетни одлуки.

Почитувани, 

Пред нас има многу работа. Нема да биде лесна. Реформата на комплексен систем како судството бара упорност, храброст и поддршка од сите сектори на општеството. Но, ние сме подготвени, иако: 

-Го преземав Министерство на невообичаен начин-без примопредавање од мојот претходник и целосно испразнет кабинет од потребната документација, но преполн со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, секое во количина од над 200 парчиња, и неплатена фактура од 956.000 денари за добавувачот на истите;

-затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси;

-непостоење на евиденција за добиени и користење на мобилни телефонски уреди, лаптопи, електрични скутери и слично, од страна на мобилниот провајдер, што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата Министерство за правда;

-нефункционален возен парк;

-и слободно можам да кажам девастирана функционалност на Министерството.

Имено, затекнав целосно празни подрачни одделенија на Министерството во Скопје, во централна и источна Македонија и бројни необработени предмети за БПП, лоши и несоодветни услови за работа. Наспроти тоа подрачните одделенија на Министерството во одделни градови, располагаат со по десетици вработени лица и минорен број на предмети за БПП.  Ова укажува на крајна нерационалност при креирањето на политиката за вработувања во Министерството, што сериозно го нарушува целиот концепт на БПП во земјата. Оваа состојба  е констатирана и од страна на Советот на Европа и се очекуваат итни чекори во надминување на проблемите со недостаток на вработени лица за БПП. 

Во овие 100 дена докажавме дека промената не само што е можна туку веќе е во тек. Проектите што ги инициравме ќе продолжат, а нивното влијание само ќе стане посилно.

Ве повикувам сите вас граѓаните да ни се придружите на овој пат. Заедно, можеме да изградиме правосуден систем кој е достоен за граѓаните, систем што го поддржува владеењето на правото, служи со интегритет и работи со целосна транспарентност. 

Извор: Влада

Прочитајте

Бутел: Заедно со учениците од ООУ Ацо Шопов одбележан Светскиот ден...

0
Градоначалникот Дарко Костовски готвеше заедно со учениците, а целата приготвена храна ќе се донира на социјално загрозени семејства од општината. Овој настан на кој имаше...