Дигиталните услуги и пазари, дигиталниот идентитет и сајбер безбедноста беа меѓу темите во фокус на третиот регулаторен дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан во Брисел, на којшто учествуваше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Овој форум е значаен за усогласувањето со дигиталната политика и стандардите на ЕУ, при што министерот Андоновски ја претстави визијата на нашата Влада за дигитална трансформација.
,,Во првите 100 дена воведовме нови 80 е-услуги, зголемувајќи го вкупниот број од 120 на 200. Ова е само почеток, до следната година планираме уште 100 нови е-услуги. Ова претставува 100 процентно зголемување во однос на претходните 4 години и јасно покажува дека дигитализацијата е врвен приоритет за нас“, истакна Андоновски.
Министерот посочи дека посебно внимание се посветува на сајбер безбедноста, со оглед дека зајакнувањето на сајбер отпорноста во нашиот регион е клучно за сите идни промени и интеграции.
,,Работиме на усогласување со најновите ЕУ регулативи во оваа област, за да обезбедиме безбедно дигитално опкружување за нашите граѓани и бизниси“, рече Андоновски, потенцирајќи дека целта е да бидеме целосно подготвени за интеграција со Европскиот единствен дигитален пазар.
На овој 3-ти регулаторен дијалог меѓу Европската Унија и Западен Балкан, присуствуваат и Генералниот директор на Директоратот за поврзување (DG Connect), Роберто Виола, како и министрите задолжени за дигитализација од Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.