Министерството за европски прашања ја информира јавноста дека Европската комисија денеска официјално ја одобри Реформската Агенда на Северна Македонија, што претставува значаен исчекор во процесот на интеграција на земјата и регионот во Европската Унија. Оваа одлука следува по деталната анализа од страна на Европската комисија, која ја препозна релевантноста и сеопфатноста на реформските планови, особено во забрзувањето на усогласувањето на земјата со законите, вредностите и стандардите на ЕУ.
Одобрувањето на оваа агенда овозможува пристап до финансиски средства во рамките на Фондот за реформи и раст на ЕУ, во износ од 6 милијарди евра. Фондот е дизајниран да го поддржи трансформативниот процес на Северна Македонија, осигурувајќи дека реформите не само што ќе ги зајакнат демократските институции и човековите права, туку и ќе ја подобрат економската интеграција на земјата со ЕУ.
Реформската Агенда, која е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан за периодот 2024-2027, е фокусирана на клучни социо-економски реформи и фундаментални области како што се владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Комисијата ги поздрави овие напори, истакнувајќи дека реформите значително ќе придонесат за социо-економска конвергенција со ЕУ и ќе ѝ помогнат на Северна Македонија во исполнувањето на клучните критериуми за пристапување.
Овoј важен чекор значително ја поткрепува стратешката определба на земјата за европска интеграција, истовремено интензивирајќи ја интеринституционалната соработка меѓу Северна Македонија и Европската комисија, со цел реализација на заедничките стратешки приоритети и долгорочни цели за целосно интегрирање во европските структури. Министерството за европски прашања ја реафирмира својата и посветеноста на Владата за ефективна и навремена имплементација на овие реформи, кои ќе обезбедат просперитетна иднина за сите граѓани.