spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Димитриеска-Кочоска - Ги стабилизираме состојбите, растот на економијата ќе го поттикнеме...

МФ: Димитриеска-Кочоска – Ги стабилизираме состојбите, растот на економијата ќе го поттикнеме со инвестиции, а тоа ќе влијае врз намалување на јавниот долг

Состојбата со јавните финансии ја стабилизираме. Буџетскиот дефицит за наредната година е планиран на пониско ниво, а истовремено очекуваме растот за годинава да го надмине проектираниот од 2,1%, а во следната да забрза на 3,7%. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Тема на денот на ТВ Сител од Вашингтон, каде што учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

„Проекцијата за раст за оваа година е 2,1% и остануваме на таа проекција, но јас сум повеќе оптимист дека на крајот на годината ќе имаме раст над 2,1%. Тоа се темели на ефикасноста во работата на институциите, на раздвижувањето на активностите во врска со реализацијата на проектите поврзани со коридорите 8 и 10д, како и на реализацијата на проектите на општините. Како резултат на сето тоа ќе има раст“, рече министерката Димитриеска-Кочоска, која додаде дека во наредната година се очекува раст од 3,7%, имајќи ги предвид очекувањата за раст на глобалната економија, особено на Германија како наш најголем трговски партнер, но и како резултат на политиките на Владата.

Според министерката, важно е дека на среден рок растот на БДП ќе влијае врз намалување на нивото на јавниот долг.

„Секое задолжување значи раст на јавниот долг. Но, ако се задолжиме за инвестиции коишто ќе дадат додадена вредност на економијата, во еден краток период ќе има повисоко ниво на јавен долг, но на среден рок, како што ќе расте економијата  нивото на јавниот долг ќе се намалува. Оттука, приоритет треба да бидат задолжувања кои ќе завршуваат во квалитетни проекти, кои, пак, ќе додадат вредност на БДП и ќе имаме раст“, рече министерката за финансии.

Посочувајќи на податоци за реализацијата на буџетскиот дефицит на месечно ниво годинава и дека во периодот до преземањето на власта има реализација на 71% од планираниот дефицит, истакна дека за следната година е планирано пониско ниво на буџетски дефицит.

Се осврна на средбите што ги реализира во Вашингтон, при што наведе дека состаноците што ги одржа со финансиските институции коишто се вклучени во процесот на издавање на еврообврзниците на нашата земја се особено важни и дека е еднакво важно тие да бидат редовно информирани за состојбите, а сѐ со цел, како што рече, кога ќе излеземе на пазарот со нова еврообврзница да добиеме многу подобри услови.

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте