Македонската Влада останува посветена на реализацијата на проектите што се спроведуваат со поддршка од Светската банка и на можноста за што поголем опфат од одобрената Рамка за партнерство во износ од околу 700 милиони американски долари. Поддршката од СБ има континуитет и таа ќе продолжи и во наредниот период, а таа претставува поддршка за развојната агенда на земјата. Ова беше истакнато на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Светската банка со потпретседателката на оваа институција Антонела Басани, извршниот директор Јуџин Ругенат и со директорката за Западен Балкан Шиаочин Ју.
„Спроведување на реформите со поддршка од Светската банка е континуиран процес и тој ќе продолжи и во наредниот период. Во моментов се спроведуваат десет проекти во износ од над 460 милиони американски долари и тие за Македонија значат подобрување на општинската локална инфраструктура, изградба и реконструкција на патишта, модернизација на земјоделството, енергетска ефикасност, реформи во социјалниот сектор, основното образование и во јавната администрација. Реформите ќе продолжат и во наредниот период преку имплементација на Рамката за партнерство 2024 – 2028 година со фокус на подобар квалитет на испораката на јавните услуги, зголемување на продуктивноста на работните места во приватниот сектор, како и зголемена отпорност на климатските промени“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека се преземаат активности за зајакнување на капацитетите на институциите за поголема апсорпција и имплементација на проектите за кои се одобрени средства од меѓународните финансиски институции, вклучително и од Светската банка.
На средбата беше потенцирана важноста од континуираната поддршка што ја дава Групацијата на Светската банка за реформите во РС Македонија, а коишто се поткрепа на политиките на новата Влада во насока на создавање здрава основа за обезбедување макроекономска стабилност и забрзан економски раст.
Средбите на министерката во Светската банка, на кои учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска се одржаа во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ во Вашингтон. Претходно, министерката и гувернерката остварија средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд, а министерката имаше одделни средби и со други меѓународни финансиски инстиуции, институции кои се вклучени во процесот на издавање еврообврзници, како и со свои колеги, министри за финансии, кои исто така земаа учество на Годишните средби во Вашингтон.
Извор: Министерство за финансии