spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Димитриеска-Кочоска на средби во Светска банка – Континуитетoт во поддршката од...

МФ: Димитриеска-Кочоска на средби во Светска банка – Континуитетoт во поддршката од страна на Светската банка од голема важност за нашата развојна агенда

Македонската Влада останува посветена на реализацијата на проектите што се спроведуваат со поддршка од Светската банка и на можноста за што поголем опфат од одобрената Рамка за партнерство во износ од околу 700 милиони американски долари. Поддршката од СБ има континуитет и таа ќе продолжи и во наредниот период, а таа претставува поддршка за развојната агенда на земјата. Ова беше истакнато на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Светската банка со потпретседателката на оваа институција Антонела Басани, извршниот директор Јуџин Ругенат и со директорката за Западен Балкан Шиаочин Ју.

„Спроведување на реформите со поддршка од Светската банка е континуиран процес и тој ќе продолжи и во наредниот период. Во моментов се спроведуваат десет проекти во износ од над 460 милиони американски долари и тие за Македонија значат подобрување на општинската локална инфраструктура, изградба и реконструкција на патишта, модернизација на земјоделството, енергетска ефикасност, реформи во социјалниот сектор, основното образование и во јавната администрација. Реформите ќе продолжат и во наредниот период преку имплементација на Рамката за партнерство 2024 – 2028 година со фокус на подобар квалитет на испораката на јавните услуги, зголемување на продуктивноста на работните места во приватниот сектор, како и зголемена отпорност на климатските промени“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа истакна дека се преземаат активности за зајакнување на капацитетите на институциите за поголема апсорпција и имплементација на проектите за кои се одобрени средства од меѓународните финансиски институции, вклучително и од Светската банка.

На средбата беше потенцирана важноста од континуираната поддршка што ја дава Групацијата на Светската банка за реформите во РС Македонија, а коишто се поткрепа на политиките на новата Влада во насока на создавање здрава основа за обезбедување макроекономска стабилност и забрзан економски раст.

Средбите на министерката во Светската банка, на кои учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска се одржаа во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ во Вашингтон. Претходно, министерката и гувернерката остварија средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд, а министерката имаше одделни средби и со други меѓународни финансиски инстиуции, институции кои се вклучени во процесот на издавање еврообврзници, како и со свои колеги, министри за финансии, кои исто така земаа учество на Годишните средби во Вашингтон.

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте