Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска присуствуваше на потпишувањето на договорите со единиците на локалната самоуправа кои аплицираа на јавниот повик на Владата и добија средства од проектот во вкупна вредност од 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините.
– Станува збор за пет општини во кои со над 2 милиони евра ќе се поддржат, односно ќе се реализираат капитални инвестиции, што ќе значи подобрување на образовната инфраструктура, подобри услови за настава и спортување на учениците, изјави Јаневска.
Во општина Гази Баба е предвидена изградба на фискултурна сала во ОУ „Наум Охридски“ во с. Црешево, а училишна спортска сала ќе се гради и во општина Боговиње. Општина Битола доби средства за поставување нова енергетскo-ефикасна фасада во ОУ „Стив Наумов“, додека со владини средства ќе се гради отворено спортско игралиште во подрачното основно училиште „Култура“ во с. Ропалце во општина Липково. СОУ „Мирко Милевски“ и СОУ „Дрита“ во општина Кичево во периодот кој следува ќе добијат нов систем за греење и климатизација.
– Посакувам успешна реализација на инвестициите и секако, уште повеќе вакви капитални проекти во сите општини во периодот што следи, додаде Јаневска.