Со поддршка и помош од Општина Аеродром, Асоцијацијата за правата на деца и младинци со посебни потреби „Ластовица“ го опреми својот дневен центар со дополнителни и современи сензорни справи и алатки.
В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески денеска го посети овој центар при што подетално беше запознаен со начинот на којшто функционираат новите справи кои се насочени за развој на допирот, слухот, видот, говорот, рамнотежата и подобрувањето на вештините за сензорна обработка.
Дневниот центар на „Ластовица“, со која Општина Аеродром има потпишано меморандум за соработка, во моментов го посетуваат околу 30 корисници со кои работат стручни лица од различни области.
Општина Аеродром и во иднина продолжува со безрезервна поддршка на оваа, но и на сите други организации и здруженија кои работат со деца со атипичен развој со што тие ќе ја добијат потребната инклузија во нашето општество.
Извор: Општина Аеродром