Со особено задоволство го отвораме новиот модерен „Парк на шахот“ во населбата 11 Октомври Бараки, кој се простира на површина од 4000м².
Наместo дивата депонија која тука постоеше, сега жителите на нашата општина добија прекрасно уредено катче, опремено со современа урбана опрема, хортикултурно уредување и шаховски маси, каде што љубителите на шахот ќе можат да уживаат во оваа интелектуална игра.
Во самиот центар на паркот се поставени и шаховски статуетки на кралот и кралицата, симболизирајќи го значењето на шахот како игра која го поттикнува умот и развива стратегиско размислување.
Посебна благодарност упатувам до Шаховската федерација на Македонија и нејзиниот претседател, Саша Богдановиќ, за целокупната поддршка при реализацијата на овој проект.
Ова партнерство е пример за тоа како заедно можеме да создадеме нешто вредно и трајно, нешто што ќе го збогати секојдневието на нашите граѓани.
Шахот, како игра на стратегија и размислување, носи многубројни придобивки – ги развива когнитивните способности, го зголемува фокусот и ги стимулира аналитичките вештини.
Силно верувам дека ова ќе биде место за дружење, рекреација и опуштање за сите генерации, посебно шахистите и љубителите на шахот, кои сега ќе можат да уживаат во масите со шаховски табли, поставени специјално за нив.
Претворањето на поранешната депонија во зелен парк не е само голем естетски придонес, туку и важен еколошки момент, значаен за подобрување на квалитетот на животната средина во општината, а со тоа и за создавање на поубаво секојдневие за сите нас.
Ова е уште еден пример за тоа како може да се трансформира едно некогаш запоставено место во простор за релаксација, дружење и забава и сакам да најавам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина.
Апелирам до сите жители совесно да се однесуваат кон новопоставената урбана опрема и зеленило, бидејќи само заеднички можеме да го зачуваме и одржуваме оваа нова локација во општина Кисела Вода создадена за дружење и релаксација.
Мојот народ заслужува!
Извор: Општина Кисела Вода