spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниМП: Филков - Ефикасниот правосуден систем е клучен фактор за владеењето на...

МП: Филков – Ефикасниот правосуден систем е клучен фактор за владеењето на правото

Ефикасниот правосуден систем не е само еден од главните предуслови за создавањето на поволна инвестициска и бизнис-ориентирана средина, туку  и клучна претпоставка за борба против криминалот и корупцијата, и гаранција за основните човекови слободи и права, рече министерот за правда Игор Филков на отворањето на 15-тата сесија на Националната конвенција на ЕУ во РСМ. Главен аспект пак на ефикасноста,  според министерот е должината на судските постапки. 

„Странките пред судовите очекуваат нивните предмети да бидат решени од страна на независни и професионални судии, со донесување на пресуди во разумен рок. Токму долготрајноста на постапките, за жал и 25 години по примената на Европската Конвенција за човековите права од страна на државава, сеуште е една од најчестите повреди на човековите права, кои ги генерираат самите судови. Па така наместо судовите да ги штитат човековите права, тие истите ги повредуваат, што е констатирано со бројните одлуки на Европскиот суд за човекови права против нашата држава каде најчестите повреди се констатирани токму за правото на правично судење во разумен рок, согласно членот 6 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи”, посочи Филков.

Осврнувајќи се на Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, министерот Филков рече дека постојат разни начини за решавање на идентификуваните проблеми по однос на ефикасноста, како: реформирање или изменување на процесното законодавство, воспоставување на рокови и временски рамки за одредени активности или фази на судските постапки, измена на судската мрежа и надлежност на судовите, создавање на електронски постапки за одредени видови на случаи.

„Ние ќе продолжиме со реформските чекори се додека не  се промени перцепцијата на граѓаните, но и оценките на Европската Комисија дека во нашата држава постои целосно реформиран и независен правосуден систем, поставен на здрави темели. Во изминатите три месеци имаше што да правиме и паралелно со тоа, анализиравме каде се слабостите. Врз основа на недоследностите, скандалите и контроверзните одлуки што се случија досега, за жал скоро секојдневно гледаме каде треба најмногу и најитно да се интервенира“, изјави Филков.

Реформите во правосудството  се одвиваат во согласност со Развојната Секторска Стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план. Во наредниот период клучен приоритет е да се реактивира Советот за следење на имплементацијата на Развојната Секторска Стратегија за правосудство.

Министерството за правда и во наредниот период  посветено ќе работи на обезбедување на сите предуслови кои се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата.

Извор: Влада

Прочитајте