spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЕП: Муртезани се обрати пред собраниската Комисија за европски прашања на тематска...

МЕП: Муртезани се обрати пред собраниската Комисија за европски прашања на тематска седница посветена на Реформската агенда 2024 – 2027

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во Собранието на Република Северна Македонија се обрати на третата седница на Комисијата за европски прашања, на чијшто дневен ред беше точката „Презентација на Реформската Агенда на Владата (2024-2027 година) во врска со Планот за раст на Европската комисија“.

Министерот Муртезани нагласи дека Реформската агенда е значаен сегмент во нашата европска стратегија, со која се поставуваат јасни и амбициозни цели за реформирање на важните сектори во државата. „Не станува збор само за технички документи, туку за динамични стратешки алатки кои имаат за цел да го зајакнат и забрзаат евроинтегративниот процес на Северна Македонија, обезбедувајќи услови за демократски, праведен и економски одржлив развој на земјата.“ – истакна МЕП Муртезани.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето:

Почитуван Претседател на Комисијата за европски прашања,

Почитувани членови на Комисијата,

Почитувани пратеници, драги колеги и ценети гости,

Најнапред благодарност за поканата. Навистина ми претставува чест да се обратам денес на оваа важна седница, презентирајќи ја Реформската агенда на Владата за периодот 2024 – 2027 година, од Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан. Се разбира, ќе се осврнам и на неодамна објавениот Извештај за напредокот на земјата, како би можеле да имаме сеопфатна слика за овие меѓусебно испреплетени и комплексни процеси.

Реформската агенда е значаен сегмент во нашата европска стратегија, со која се поставуваат јасни и амбициозни цели за реформирање на важните сектори во државата. Не станува збор само за технички документи, туку за динамични стратешки алатки кои имаат за цел да го зајакнат и забрзаат евроинтегративниот процес на Северна Македонија, обезбедувајќи услови за демократски, праведен и економски одржлив развој на земјата.

Главната цел на Планот, за периодот 2024-2027, е некои од придобивките од членство во Унијата да се стават на располагање на граѓаните на земјите од Западен Балкан во претпристапниот период, односно пред нивното членство во ЕУ. Според ЕК, економската интеграција на земјите од ЗБ и пристапот до единствениот пазар на ЕУ е клучна цел за промовирање на економски раст, зголемување на трговијата и регионалната стабилност. Овој процес претпоставува имплементација на сеопфатни и длабоки реформи и усогласување на економските системи, како и на законодавството на земјите од Западен Балкан, со законодавството и стандардите на ЕУ. Процесот на економска интеграција нуди потенцијал за забрзан развој и значајни придобивки за двете страни.

Одобрувањето на оваа Реформска агенда овозможува пристап до финансиски средства и тоа преку 750 милиони евра, од кои една третина грант и две третини заем по успешно спроведување на квалитативните и квантитативните чекори, кои треба да се реализираат согласно утврдената динамика.

Реформите предвидени во, сега веќе одобрената, Реформска агенда и од страна на ЕК, имаат за цел да го забрзаат процесот на интеграција и истовремено да ја унапредат нашата економија, правниот систем, јавната администрација, како и да ги зајакнат правата на граѓаните, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Петте приоритетни области во Реформската агенда се:

  1. Управување/Реформа на јавна администрација и Управување со јавните финансии
  2. Енергетска/Зелена транзиција
  3. Човечки капитал
  4. Деловно опкружување
  5. Владеење на правото 

Со ова, Северна Македонија не само што ќе ги исполнува критериумите за членство во Европската Унија, туку и ќе ја зајакне својата демократска вредност и правната држава, коишто се основни темели на европската идеја. Планот за раст, пак, поставува одржливи економски цели кои треба да ја поттикнат модернизацијата на инфраструктурата, намалувањето на нееднаквоста и стимулирање на конкурентноста во економијата. Со интегрираната имплементација на овие стратешки документи, Северна Македонија ќе се движи кон исполнување на своите цели за развој и интеграција, кои ќе обезбедат долг рок на стабилност и просперитет за нејзините граѓани.

Имплементацијата на оваа Агенда ќе биде внимателно следена, при што ќе се воспостави национална структура за надзор на известувањето, оценувањето и механизмите за ревизија согласно барањата утврдени во Регулативата за инструмент за реформи и раст. Посветеноста на Владата и Министерството за европски прашања за ефикасно следење и отчетност ќе обезбеди услови за да ги постигнеме поставените амбициозни цели, односно дека напредокот на реформите ќе биде транспарентен и опиплив.

Таков е и Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидатки за членство во Унијата, којшто има за цел на објективен начин да направи пресек во состојбите и да укаже на сегментите кои бараат подобрување. Извештајот за 2024 година, објавен на 30 октомври годинава ја потенцира подготвеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ, со забележителни подобрувања во неколку кластери, вклучувајќи ги Фундаментални вредности (Кластер 1), Конкурентност и инклузивен раст (Кластер 3), и Надворешни односи (Кластер 6). Овие подобрувања се јасен показател за нашите континуирани напори за исполнување на европските стандарди и покрај предизвиците кои со себе ги носат самите промени на политичката власт, во овој случај беше опфатена работата на 3 Влади. Иако постигнавме значителен напредок, Извештајот исто така нагласува области кои бараат понатамошно внимание, особено во Внатрешниот пазар (Кластер 2) и Ресурси, земјоделство и кохезија (Кластер 5). Овие наоди служат како конструктивен водич за нас да ги интензивираме нашите напори за реформи и да се справиме со специфичните предизвици на поефективен начин.

Сигурен сум дека спроведувањето на Реформската агенда, заедно со континуираното усогласување на нашиот правен и институционален систем со оној на ЕУ, ќе обезбеди неопходна основа за забрзана, суштинска интеграција во Европската Унија. Реформската агенда за периодот 2024-2027, заедно со деталните скрининг извештаи за сите кластери и Патоказот за владеењето на правото и реформата за јавната администрација, поставуваат јасни приоритети за Владата, Собранието и сите засегнати страни во нашиот процес на пристапување во ЕУ. Имплементацијата на овие реформи ќе бара колективни напори, не само од Владата и Собранието, туку и од граѓанското општество, приватниот сектор и пошироката јавност.

За крај, искрено се надевам дека сите ние ќе продолжиме да работиме со истата посветеност и истрајност и дека ќе покажеме подготвеност да одговориме на барањата, притоа зачувувајќи ги националните интереси и да ја градиме нашата иднина врз темелите на европските вредности и принципи.

Ви благодарам за вниманието.

Извор: Министерство за Европски Прашања

Прочитајте

Мицкоски: Преговараме со инвеститори на поедноставен и пофлексибилен начин да го...

0
„Единствен начин, за да делуваме веднаш е во оние средини каде што се користат дрвата или друг начин на затоплување, најчесто дрвен отпад, неретко...