spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Јаневска - Го зголемивме бројот на ромски образовни медијатори, ги поттикнуваме...

МОН: Јаневска – Го зголемивме бројот на ромски образовни медијатори, ги поттикнуваме младите Роми повеќе да учат за да имаат подобра иднина

Го зголемивме бројот на ромски образовни медијатори. Досега се ангажираа 40 годишно во основно образование, оваа година ангажираме 50. Со измени на Законот за средно образование, дополнително ќе бидат ангажирани 35 медијатори, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на потпишувањето договори со избраните медијатори по првиот јавен повик. Вчера беше објавен и повторен повик за шест ромски образовни медијатори.

„Образовните медијатори имаат благородна работа да им објаснат на родителите и да ги убедат учениците колку е важно да учат и да одат на училиште. Истовремено, треба да имаат добра соработка со училиштата, за да го зголемиме бројот на запишани ученици Роми и да спречиме тие да го напуштат образованието предвреме. Медијаторите им помагаат да ги надминат потешкотиите со кои се соочуваат и ги мотивираат да достигнат што повисоко образовно ниво“, објасни министерката Јаневска.

Посочи дека зголемувањето на инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование е програмска определба на Владата и затоа, освен поддршката преку образовните медијатори, се зајакнува и помошта преку стипендии.

Оваа учебна година вкупно 1.200 средношколци Роми ќе добијат стипендија. Тоа значи дека Министерството за образование и наука одобри дополнителни 280 стипендии , споредено со лани.

Исто така, за студиската 2024/2025, доделени се вкупно 150 стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во земјава.

За да се зголеми бројот на ученици од ромската етничка заедница во средно образование, тие можат да се запишат и ако имаат до 10% помалку поени од бројот на поените предвидени согласно огласот.

Министерката Јаневска нагласи дека во образованието нема да се толерира дискриминација и сегрегација.

„Ние оваа определба цврсто ја поткрепивме со измените што ги правиме во регулативата за основно и за средно образование, за да обезбедиме еднаков пристап до образование на учениците Роми. Вклучивме и конкретни мерки за спречување и борба против сегрегацијата и дискриминацијата на Ромите“, рече министерката.

Посакувајќи им успешна работа на образовните медијатори, им укажа дека со нивниот ангажман можат да поттикнат што повеќе млади Роми да стекнат што повисоко образование и да добијат што повеќе знаења и вештини, со што ќе ја променат иднината на многу сегашни деца, на подобро.

Извор: Министерство за образование и наука

Прочитајте