Воведувањето на едносменското работење во училиштата дава одлични резултати. Во СОУ „Славчо Стојменски“ во Штип во првото тримесечје од годинава, споредено со истиот период лани, просечниот успех на учениците е значително подобрен, намален е бројот на оправдани и неоправдани изостаноци и не е изречена ниту една педагошка мерка кон ученик.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска при посетата на штипската гимназија, каде најави дека со средства на Министерството за образование и наука ќе се реконструира училишниот кров.
– Со едносменското работење, се подобрува квалитетот на наставата, а концентрацијата на учениците е поголема. Досега едносменска настава е воведена во 140-тина основни и средни училишта, а ќе ги поддржиме општините да продолжат да создаваат услови и во другите училишни објекти, изјави Јаневска.
Покрај замената на кровот на СОУ „Славчо Стојменски“, во наредниот период со финансии обезбедени од локалната самоуправа ќе бидат заменети и дел од прозорците во училиштето, со што ќе се подобри енергетската ефикасност на објектот.
– Буџетот на Министерството за образование и наука следната година ќе биде значително зголемен, а со тоа ќе се зголеми и поддршка на единиците на локалната самоуправа за обезбедување достоинствени услови за изведување на воспитно-образовниот процес во земјава, додаде министерката Јаневска.